Полицијата соопшти дека доцна во средата избувнал пожар во дел од комплексот на Мисијата на Европската унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) во Приштина, откако демонстранти го нападнале објектот со пиротехнички средства за време на протест против затворските казни изречени за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) од страна на Специјалниот суд во Хаг, ренесе Радио Слободна Европа (РСЕ).
Стотици луѓе се собраа во главниот град претходно тоа утро за да го следат изрекувањето на пресудите за Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими на голем екран.
Судскиот совет ги прогласи за виновни за воени злосторства и ги осуди Тачи и Красниќи на по 25 години затвор, додека Весели доби 18, а Селими 13 години.
Граѓаните незадоволни од пресудата организираа протести во близина на објектот на ЕУЛЕКС во два наврати.
Полицијата извести дека околу 22:30 часот, дел од демонстрантите – кои претходно протестираа во близина на зградата на косовската влада – повторно се упатиле кон базата на ЕУЛЕКС на патот Приштина – Косово Поле.
Тие го блокирале патот во близина на влезот во комплексот на ЕУЛЕКС и почнале да фрлаат разни предмети – „тврди предмети и пиротехнички средства“ – предизвикувајќи помал пожар во дел од објектот, се наведува во полициското соопштение.
Од полицијата изјавија дека пожарот веднаш бил изгаснат и дека немало повредени лица.
ЕУЛЕКС им дава поддршка на Специјализираните совети на Косово и на Канцеларијата на специјализираниот обвинител преку обезбедување логистичка и оперативна помош, додека Европската унија е нивниот главен финансиер. Протестот завршил кратко по полноќ и поминал без поголеми инциденти или повреди, соопшти полицијата.
„Полициските службеници одржуваа постојан дијалог со демонстрантите, повикувајќи ги да протестираат мирно и да не фрлаат предмети или опасни средства кон државните згради“, се вели во соопштението.
Полицијата најави дека ќе го задржи своето присуство и патролирањето на терен за да се обезбеди уставниот поредок и јавната безбедност низ целата земја.
Соединетите Држави и други земји повикаа на почитување на одлуката на судот.
Затворските казни изречени за поранешните лидери на ОВК – за кои се очекува да поднесат жалба до Апелациониот суд – предизвикаа остри критики во Косово, каде што тие се сметаат за национални херои.
Косовскиот премиер Албин Курти ја опиша пресудата како неприфатлива неправда. „Иако пресудата можеби формално е изречена во името на народот на Косово, оваа празна формула не смее да се поистоветува со волјата на народот“, изјави Курти.
Специјалниот суд формално е дел од правосудниот систем на Косово, но е составен од меѓународни судии и обвинители.
Судот не ужива популарност во Косово, а против него се организираат протести уште од апсењето на четворицата поранешни лидери на ОВК во 2020 година.












