Песната ја изведува младата Сара Ташкоска, чиј вокал природно се вклопува во целиот емотивен амбиент на проектот. Текстот го напиша познатата Дина Јашари, која воедно се појавува и како придружен вокал, додавајќи дополнителна интимност и емоција во самата композиција. Музиката и аранжманот, пак, се целосно дело на Даркоф
Конечно, на македонската музичка сцена пристигнува музички проект што уште на прво слушање остава впечаток дека не припаѓа на веќе познатите шаблони што секојдневно ги слушаме. Дарко, познат под уметничкото име Даркоф, со своето ново музичко деби „Чекор“, носи комбинација на мелодија со емоција, модерен електронски звук и атмосфера која може само да се почувствува.
Песната ја изведува младата Сара Ташкоска, чиј вокал природно се вклопува во целиот емотивен амбиент на проектот. Текстот го напиша познатата Дина Јашари, која воедно се појавува и како придружен вокал, додавајќи дополнителна интимност и емоција во самата композиција. Музиката и аранжманот, пак, се целосно дело на Даркоф, додека копродукцијата, миксот и мастерингот ги потпишува Андрејник, препознатлив по својата работа на последната песна од Јанг Деди, насловена „Лидија“.

Она што го издвојува ова младо момче од останатите е неговата музичка и уметничка заднина. Тој уште од својата десетта година одлично свири клавир, а веќе од дванаесеттата година е активно посветен и на латино и хип-хоп танцувањето – спој на музика, ритам и движење кое може јасно да се почувствува во неговиот авторски израз. Последните пет години, Даркоф активно компонира музика, а ова е негово прво официјално претставување пред македонската публика. Според него, на домашната сцена недостасува повеќе мелодичност – музика што има душа, што останува во глава и по завршувањето на песната и што вистински може да допре до луѓето.

Неговиот нов музички проект „Чекор“ не е само класична поп-песна, не е ниту типичен електронски музички проект. Станува збор за современа електронска продукција и силно емоционално чувство, нешто што досега ретко се има појавено на македонската музичка сцена во последните години. Токму затоа, овој проект звучи свежо, современо и искрено. Видеоспотот пак, носи посебна приказна која не функционира само како визуелен додаток на песната, туку како нејзино продолжение. Видеото претставува комбинација од лирични визуализации со филмска естетика и истовремено раскажува приказна за девојка која трага по некого, мечтае и се губи меѓу сопствените чувства. Наместо класична љубовна приказна, видеото носи атмосфера на копнеж, тишина и надеж.
Овој нов музички проект на младиот Даркоф остава впечаток на нешто создадено со емоција и јасна визија. Во време кога многу песни звучат слично, тој со „Чекор“ се обидува да изгради свој препознатлив правец и звук што ќе има карактер. Со силен тим околу себе и со јасна музичка идеја и визија, ова деби на Даркоф изгледа како почеток на едно ново и поемотивно музичко поглавје на домашната музичка сцена.












