Од разговорите што деновиве ќе ги направи скопскиот градоначалник со граѓаните, ќе се одлучи дали нелегалниот пешачки премин кај Бит-пазар ќе стане легален или ќе биде затворен
Наредните денови, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, ќе одржи средба со граѓаните во врска со нелегалниот пешачки премин кај Бит-пазар. Тој во телевизиско гостување истакна дека ќе го сослуша мислењето на граѓаните и, доколку мнозинството побара пешачки премин, ќе биде подготвен проект за уреден премин.
– Во спротивност, ако граѓаните побараат затворање, преминот ќе биде затворен – дециден е Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Град Скопје додаде дека на терен ќе излезе заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, за да ги слушнат одблиску загриженоста и барањата на жителите.
Ѓорѓиевски говореше и за проектот на булеварот „Цветан Димов“, посочувајќи дека Општина Чаир го подготвува проектот, додека Град Скопје веќе обезбедил средства во буџетот.
Тој најави дека очекува до крајот на годината да започне постапката за избор на компанија што ќе го реализира проектот. Ѓорѓиевски нагласи дека веќе започнале комуникации со сопствениците на објектите кои би можеле да бидат опфатени со процесот на експропријација и додаде дека од нивна страна постои позитивна подготвеност.
Реализацијата на проектот за булеварот „Цветан Димов“ се очекува да трае четири години. Предвидено е проектот да се реализира на потегот од крстосницата со булевар „Никола Карев“ до крстосницата со улицата „Џон Кенеди“.












