Во присуство на голем број новинари, во градот на калинките во Валандово, денеска се одржа прес-конференција по повод овогодишното 38. издание на Валандово фолк-фест.
Место на настанот беше новата киносала која феноменално ја краси големиот мурал со ликовите на најпознатите валандовчани.
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, изјави дека е презадоволен со изборот на новите фолк-песни, потенцијални хитови. Ќе слушнеме 22 песни од познати автори, а во интерпретација на: Блага Петреска, Смиља Митреска, Мишко Крстевски, Ефто Пупиновски, Драган Мијалковски, Драган Николовски-Даце, Сузана Гавазова, Блаж Маротов, Јованка Јо, а на фестивалот му се враќа по подолга пауза и Горан Тодоровски.
Додека трае гласањето за наградите од публиката и жирито, свој едночасовен концерт ќе има легендарниот Перо Христов кој сè уште е слушан со валандовскиот хит „Во црно вино утеха нема”. (Д.М.)