„За мене ова отворање беше многу повеќе од почеток на едно ново фестивалско издание. Кога го видов преполниот Антички театар, повеќе од четири илјади луѓе кои дојдоа да ја споделат магијата на уметноста и емоциите што ги донесоа Ермонела Јахо, Чарлс Кастроново, маестро Марко Боеми и Оркестарот на Националната опера и балет, почувствував огромна гордост и благодарност. Тоа беше потврда дека „Охридско лето“ не е само фестивал, туку место каде што уметноста ги обединува луѓето и создава спомени што остануваат за цел живот. Оваа вечер ни даде силен поттик и обврска во истиот дух да продолжиме и во наредните фестивалски денови, носејќи врвни уметнички содржини пред нашата публика,“ вели за весникот ВЕЧЕР директорот на НУ Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски.
Според него, свеченото отворање беше вечер исполнета со силни емоции, врвна уметност и исклучителна енергија, која уште еднаш ја потврди довербата што публиката ја има во фестивалот.
„Според мене, ова беше едно од оние отворања што долго ќе останат во колективната меморија на фестивалот. Не само поради преполниот Антички театар и повеќе од четири илјади посетители, туку поради енергијата што се чувствуваше од првиот до последниот тон. Кога ќе ги видите насмевките на публиката, долгите аплаузи и емоциите што се споделуваат меѓу уметниците и гледачите, тогаш знаете дека сте направиле нешто вистински вредно. Тоа е најголемата награда за сите кои со месеци работеа на организацијата на ова свечено отворање. Особено ме радува што интересот беше толку голем што билетите беа распродадени уште две недели однапред. Тоа е јасна потврда дека „Охридско лето“ ја има довербата на публиката и дека фестивалот продолжува да расте, да се развива и да ја оправдува својата репутација на една од најзначајните културни манифестации во регионот“, додава Цуцковски.
Посебен впечаток, вели тој, оставиле настапите на светски познатите оперски уметници, кои со својата изведба приредиле концерт за паметење.
„Настапот на Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново беше вистинска привилегија за нашата публика. Тоа се уметници кои настапуваат на најпрестижните светски сцени, а синоќа со својата искреност, емоција и врвна уметничка изведба му подарија на Охрид концерт што ќе се памети. Особен впечаток остави начинот на кој комуницираа со публиката – секоја арија беше проследена со силни аплаузи, а бисовите беа природен одговор на воодушевувањето што го предизвикаа. За мене, токму тоа е суштината на „Охридско лето“ – да ги донесе најдобрите светски уметници во Охрид и да создаде вечери во кои уметноста ги надминува сите граници. Верувам дека ова свечено отворање постави високи стандарди и испрати силна порака дека и 66. фестивалско издание ќе понуди програма достојна за долгата традиција и угледот на фестивалот“, вели Цуцковски.











