Цените на електричната енергија на берзите во Југоисточна Европа достигнаа рекордни нивоа, поттикнати од екстремно високите температури и од наглиот раст на потрошувачката. Во одделни пикови, цената на електричната енергија надмина 500 евра за мегават-час, создавајќи сериозен притисок врз енергетските системи во целиот регион, вклучително и Македонија.
Главна причина за зголемената побарувачка е масовното користење климатизери поради тропските температури. Дополнителен проблем се сушата и намалениот водостој на реките, што го ограничува производството од хидроелектраните и го намалува расположливиот домашен енергетски ресурс.
На берзите во Грција, Бугарија, Унгарија и во Србија, дневните цени за краток период се искачија од вообичаените 80–100 евра на повеќе од 300, а во одредени периоди и над 400 евра за мегават-час. Најголеми ценовни скокови се регистрирани во часовите кога достигнува потрошувачката максимум.
Последиците се чувствуваат и во македонскиот енергетски систем. Компаниите и индустриските потрошувачи на слободниот пазар се изложени на движењата на регионалните берзи, меѓу кои HUPX и IBEX. Зголемувањето на берзанските цени директно ги зголемува и трошоците за набавка на електрична енергија.
Домаќинствата на регулираниот пазар се помалку изложени на директниот ефект од берзанските ценовни шокови, но долготрајниот раст на цените создава дополнителен товар врз државните енергетски компании. Во периоди на недостиг, потребата од увоз се зголемува токму кога е најскапа електричната енергија.
Експертите посочуваат дека проблемот не е само во зголемената потрошувачка и намаленото производство. Ограничената мрежна поврзаност меѓу Централна и Југоисточна Европа го отежнува преносот на евтината електрична енергија од пазарите со вишок производство од обновливи извори кон земјите со дефицит.
Последниот ценовен шок повторно го актуализира прашањето за долгорочните инвестиции во енергетскиот сектор. Покрај изградбата на нови обновливи извори, се наметнува и потребата од поголеми капацитети за складирање, особено батериски системи, кои би можеле да ја намалат зависноста од скапата електрична енергија во периодите на најголема потрошувачка.












