среда, октомври 7, 2026
Дома КУЛТУРА Булингот и сајбербулингот тема на филмската работилница која ја одржува Марија Џиџева...

Булингот и сајбербулингот тема на филмската работилница која ја одржува Марија Џиџева за младите во Кисела Вода

1

„Снимај паметно, остави трага“ е работилницата која под менторство на македонската режисерка Марија Џиџева, на тема насилството меѓу децата и младите, булингот и сајбербулингот се реализира од 5 октомври до денеска во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.

Тридневната филмска работилница е наменета за основци од општината Кисела Вода и се фокусира на една од најчувствителните теми во современото општество.

– Работилницата е на тема „Насилството помеѓу децата и младите: врсничко насилство, булинг, кибербулинг…“ Таа е наменета за децата од основно училиште, кои популарно се алфа-генерација, родени со технологија и токму таа придонесува за алармантно зголемување на насилството помеѓу младите. На работилницата, преку кратки филмски лекции, се учат сите фази на филмското изразување – од идеја, сценарио, снимање и монтажа. Со тимска работа треба да се создадат неколку кратки филмски форми каде што ќе се чуе гласот на младите, ќе откриеме што ги мачи, како ја доживуваат оваа проблематика, која, за жал, е секојдневие за овие генерации – вели режисерката Џиџева.

Додава дека работилницата има цел на еден креативен начин да ги запознае децата што се родени со телефоните како тие паметно да се користат, како младите да почнат да размислуваат што е филмска уметност, како да ги изразат своите идеи на еден аудиовизуелен начин и како да го користат телефонот како алатка за да го направат светот подобро место за живеење.

Работилницата е во организација на фестивалот „Киненова“ и со поддршка на Општина Кисела Вода.

Според градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, преку ова партнерство директно се придонесува за промоција на филмската уметност, се дава поддршка на младите автори и се доближуваат современите културни содржини до граѓаните.

Кратките филмови што децата ги создадоа во рамките на тридневната работилница ќе ја доживеат својата официјална премиера пред пошироката јавност на големото платно за време на претстојното издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова, кој свечено се отвора на 14 октомври во киното „Фросина“.

ИЗДВОЕНИ