Македонија на ова престижно светско натпреварување во Истанбул, Турција, беше претставена со внимателно избрана програма составена од женската ороводна песна „Седело Ѓуре“, прочуеното машко оро „Копачка“ и сценската адаптација „Русински мегдан“. Наградата е уште позначајна со оглед на тоа дека е добиена во исклучително силна меѓународна конкуренција на вкупно 41 фолклорна група, од кои 21 ансамбл се натпреваруваа во категоријата автентичен фолклор, а 20 во категоријата стилизиран фолклор

Со маестралната изведба на автентичниот македонски фолклор, културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Битола успеа да ги воодушеви меѓународната стручна комисија и публиката, освојувајќи го сребрениот медал и парична награда од 3.000 американски долари на Светскиот натпревар за меѓународни танци, кој од 13 до 19 јули се одржа во Истанбул, Турција. Овој извонреден успех претставува уште една потврда дека македонската песна, игра и културното наследство оставаат силен впечаток кај љубителите на фолклорот од целиот свет.

Наградата е уште позначајна со оглед на тоа дека е добиена во исклучително силна меѓународна конкуренција на вкупно 41 фолклорна група, од кои 21 ансамбл се натпреваруваа во категоријата автентичен фолклор, а 20 во категоријата стилизиран фолклор. Првото место на овој натпревар во категоријата автентичен фолклор го освои Република Башкортостан (Русија), а третото го освои ансамблот од Црна Гора. Во категоријата стилизиран фолклор најдобар беше Градскиот професионален ансамбл „Тракија“ од Пловдив, Бугарија, второто место го освои Белорусија, а третото Државниот ансамбл на Грузија.

Инаку, Македонија на ова престижно светско натпреварување беше претставена со внимателно избрана програма составена од женската ороводна песна „Седело Ѓуре“, прочуеното машко оро „Копачка“ и сценската адаптација „Русински мегдан“, дело на м-р Љупка Стефановска.

Со секој чекор и секое движење на сцената, членовите на ансамблот ја раскажуваа приказната за богатото македонско духовно и културно наследство, пренесувајќи ја убавината на народната традиција преку раскошните народни носии, автентичните песни и македонски ора, кои каде и да се претставени, предизвикуваат голем интерес кај присутната публика. Ова е уште еден успех во низата на награди и признанија на ова културно-уметничко друштво.

– Искрено, пред натпреварот, не се надевавме премногу на ваков успех бидејќи конкуренцијата беше многу силна, учествуваа професионални ансамбли, а жири-комисијата беше составена од еминентни професори од Турција, Бугарија, Индонезија, Пакистан, Северен Кипар, Франција и Порторико. Ние првпат настапивме на еден ваков светски фолклорен натпревар. Иако на отворањето и на затварањето на фестивалот настапивме пред публика, натпреварот се одржуваше само пред жири-комисијата, што само го зголемува значењето на овој успех, бидејќи нашата професионалност и нашиот труд беа препознаени. Иако лично сметам дека фолклорните настани треба да бидат претставување на државите, забава и дружење, сепак, ова е едно ново искуство за нас и најголем успех по 1998, кога во Ланголенд, В. Британија, исто така освоивме второ место. Во секој случај, особено сме горди на успехот што го постигнавме меѓу толкав број држави, вели за весникот ВЕЧЕР Александар Стефановски, уметнички раководител на КУД „Илинден“ од Битола.

Емоциите по прогласувањето на наградените, пак, беа искрени и незаборавни.

– Радоста, солзите и гордоста што ги почувствуваа членовите на КУД „Илинден“ по објавувањето на резултатите најдобро сведочеа за долгогодишниот труд, бројните часови посветени на проби и огромната љубов кон македонскиот фолклор, кој оваа фолклорна група го негува со голема љубов и посветеност. Особена симболика има фактот што овој успех пристигна токму во деновите кога Битола живее во духот на фестивалот „Илинденски денови“, една од најзначајните манифестации посветени на македонскиот изворен фолклор, велат од културно-уметничкото друштво.

КУД „Илинден“, амбасадорите на македонската култура, уште еднаш покажаа дека нашата традиција има заслужено место меѓу најдобрите во светот.

Само неколку дена по големиот триумф во Истанбул, битолчани ќе имаат можност да ги поздрават своите светски вицешампиони на домашен терен.

На 25 јули, со почеток во 20:30 часот, во Офицерскиот дом во Битола, во рамките на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“, КУД „Илинден“ ќе го одржи концертот насловен „Џумбиш“. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ