Гостиварското комунално претпријатие „Комуналец“ немало никаква дозвола со дивиот приклучок да зафаќа вода од отворениот канал и да ја пушта во градскиот водовод, кој служи за снабдување на граѓаните. Надлежното Министерство за животна средина досега воопшто не му издало на ова претпријатие дозвола за такво нешто. Ова денеска го изјави директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, на прес-конференцијата во Владата, каде што беа соопштени деталите од теренскиот увид поврзан со појавата на епидемија во Гостиварско.
– Теренскиот увид покажал дека дивиот приклучок се наоѓа на 800-900 метри оддалеченост од главниот цевковод што ја снабдува Општината со вода за пиење, при што било утврдено дека се зафаќала водата од водно тело што гравитира во постојан отворен канал и не е опфатено во дозволата што му ја издало Министерството за животна средина на гостиварското комунално претпријатие. Согласно со дозволата што е издадена од Министерството за животна средина, за секоја измена што планира да ја направи јавното комунално претпријатие „Гостивар“ или кое било јавно комунално претпријатие, треба првин да поднесе барање до Управата за животна средина, во Секторот за води. Тие да го разгледаат тоа и да дадат или одобрение или одбивање, затоа што се работи за цевковод што служи, нели, за вода за пиење. Тука треба да станува збор за исклучително санитарни услови. Такво барање, ние во Министерството цело време сме координирани, до денес не е пристигнато – потенцира Гиновска.
Таа додаде дека ДИЖС нема законска надлежност да ја контролира безбедноста на водата за пиење што се испорачува до граѓаните, туку тоа е задача на други институции.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, потенцира дека гостиварци сѐ уште не смеат да ја користат водата ниту за пиење, ниту за миење, ниту, пак, за што било за извршување на секојдневните активности. Тој додаде дека АХВ во изминативе два дена ги засилила своите активности на терен во Гостивар и зела дополнителни мостри за анализа, кои, како што рече, треба да го потврдат изворот на загадување. Во однос на поставените пумпи, директорот на АХВ рече дека тие биле поставени на диво, што било утврдено и на 16 јули, кога била направена првата вонредна контрола по пријавата на случајот.
– Согласно со договорот меѓу Центарот за јавно здравје и ЈП „Комуналец“, мостри се земаат еднаш месечно, од осум мерни места. Последен пат што имаме добиено ние, како Агенција за храна и ветеринарство, резултат од Центарот за јавно здравје Гостивар е 13 јули и водата била безбедна – рече директорот на АХВ врзано за документот издаден од Центарот за јавно здравје Гостивар, со датум од 29 јуни оваа година, според кој водата во градскиот водовод е исправна за пиење.
Тој нагласи дека било утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа на диво, без одобрение, биле поставени пумпи, кои директно вбризгувале вода во овој водоснабдителен систем.
Ваквата изјава на Миланов предизвикува дилеми, бидејќи, познато е, истрагата на Основното јавно обвинителство утврди дека во периодот од 25 јуни до 16 јули, во водоснабдителниот систем биле поставени диви пумпи, кои внесувале вода со фекално загадување во мрежата. Според Обвинителството, при увидот извршен на 16 јули било констатирано дека сè уште работат две потопни пумпи и, преку црева, внесувале вода од отворен канал со колиформни бактерии во комората од која се снабдува системот за вода за пиење.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, пак, изјави дека очекува целосно да се утврдат сите факти и околности и да се утврди кривична и морална одговорност.
– Снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на системите за водоснабдување, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и на јавните општински претпријатија. Локалната самоуправа е прва линија на одговорност за безбедно функционирање на овие системи, како и за воспоставување и заштита на санитарните заштитни зони околу изворот на вода – рече Хоџа.
Тој објасни дека проектот за филтер-станицата на изворот Вруток бил почнат во 2011, а бил завршен во 2014 година. По комплетирањето, тој, со записник за примопредавање, му бил предаден на управување на ЈП „Комуналец“, кое функционира во рамките на Општина Гостивар. (Б. Ѓ.)
Одговорност за оние што ќе користат забранета вода
Прашан што ќе преземе Агенцијата, бидејќи во Гостивар работат нормално кафулињата, рестораните, чајџилниците и другите угостителски објекти, Миланов одговори дека ќе биде санкционирано секое непридржување кон насоките.
– Самите ресторани се должни да обезбедат техничка вода. Таа вода, значи, сето она што доаѓа како материјали и производи во контакт со храна, кујнски прибори, храната што се подготвува, зборувам сендвичарници, ресторани, кафеани и бурекчилници, не треба да се консумира. За сето она што ќе биде најдено кај овие оператори со храна, ќе сносат одговорност, ќе има финансиска прекршочна пријава од наша страна и превенција од наша страна за да се нагласи дека водата не е ниту за пиење, ниту технички ќе биде употреблива сè до добивање на лабораториските резултати од земените мостри и нивната анализа – изјави Миланов.












