Со децении, кројач во Рим ја шие белата одежда што ја носи новиот папа веднаш по неговиот избор, но овој пат владееше неизвесност бидејќи и конкурентите се огласија да понудат свои свештенички одежди.

Кројачите Гамарели (Gammarelli) традиционално правеа три облеки – кратки, средни и долги – но, велат дека Ватикан ги замолил да не го прават тоа овој пат.

Само неколку часа пред кардиналите да влезат во Систинската капела за да го изберат наследникот на папата Франциско, ривалскиот кројач Раниеро Манчинели (Raniero Mancinelli) ја искористи можноста да ги понуди своите производи, пренесе Бета.

„Треба да ги испорачам денес или утре… тие треба да бидат подготвени пред конклавата за да можат да се користат кога е потребно“, изјави во понеделникот осумдесет и шестгодишниот Манчинели за АФП.

Манчинели во минатото има изработено одежди за неколку папи, но никогаш не ја имал честа да ја направи првата одежда, која папата ја носи кога првпат и се обратил на јавноста од балконот на базиликата Свети Петар.

Тој рачно изработува лесни волнени наметки, ремени и бели капи кои ќе бидат доставени во Ватикан пред конклавата, која започнува во среда.

Манчинели прави три големини на одежди за да одговараат на сите типови на тело.

Сепак, тој призна дека трите варијанти – мала, средна и голема – се направени за да се прилагодат на структурата на горниот дел од телото на новиот папа, додека должината е помалку важна, бидејќи новиот папа се појавува на балконот во неговото прво обраќање и не се гледа целата негова фигура.

Лоренцо Гамарели минатата недела за АФП изјави дека кројачите во фирмата на неговото семејство биле подготвени да направат три одежди, како што традиционално прават, но Ватикан им кажал дека тоа не е потребно.

Тој додаде дека претпоставува дека одеждите на новиот папа ќе бидат „оние од претходните конклави, бидејќи секој пат се прават по три, а се користи само една“.

Но, Манчинели, кој веќе 70 години е кројач во својата работилница на чекор од Ватикан, се надева дека работите ќе се одвиваат поинаку. Иако Ватикан не му наложил да ги направи одеждите, тој добро го познава занаетот, бидејќи работел за седум папи.

„Ги правам и му ги нудам на Ватикан во случај новиот папа да може да ги користи. Ако ја користат мојата облека, ќе бидам многу среќен“, вели Манчинели.

Тој додаде дека облекува и епископи и свештеници и дека е преплавен со нарачки пред конклавата.

„На некои кардинали им треба појас, капа, јака… Јас ќе се погрижам за тоа“, вели кројачот кој лично ги изработувал одеждите на последните тројца папи, меѓу кои и Франциск, кој почина на 21 април на 89-годишна возраст.

ИЗДВОЕНИ