среда, август 26, 2026
Дома БАЛКАН БАЛКАНОТ ЗАВИЕН ВО ДИМ! Дождот не помага, ветрот ја шири огнената стихија...

БАЛКАНОТ ЗАВИЕН ВО ДИМ! Дождот не помага, ветрот ја шири огнената стихија во четири земји!

1
EPA/STRINGER

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека во земјава и натаму се активни три пожари на отворен простор, додека четири пожари се ставени под контрола. Во изминатото деноноќие, до 07:30 часот, биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, од кои 24 се целосно изгаснати.

Активни се три пожари во Студеничани и Зелениково, Гостивар и Македонски Брод, како и во Чашка. Горe мешана и нискостеблеста шума, ниска вегетација и смрека. Под контрола се пожарите во Кичево, Македонски Брод, Кавадарци и Делчево, додека во текот на ноќта се изгаснати 24 пожари низ земјава.

Целосно е изгаснат и големиот пожар кај Долно и Горно Чичево, кој гореше повеќе од 13 часа. Во интервенцијата учествувале пожарникари, ДЗС, доброволци, три „ер трактори“ и хеликоптер на МВР. Огнот не стигнал до куќите, а спасени се и околните овоштарници и лозови насади.

Во Србија, и покрај дождот што во текот на ноќта врнеше во одредени области, и понатаму се активни повеќе десетици пожари на отворено. Најтешка е ситуацијата во природниот резерват Делиблатски песоци, каде што огнот зафати речиси 4.000 хектари шума и ниска вегетација.

Во гаснењето учествуваат повеќе од 500 пожарникари и припадници на локалните служби, како и хеликоптери и противпожарни екипи кои се ангажирани преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, кој Србија го активираше на крајот од минатата недела. На планината Гоч голем број пожарникари го гаснеа пожарот во текот на ноќта. Дождот смири некои од жариштата, но силниот ветер и понатаму ја отежнува борбата со огнот, кој зафати околу шест хектари борова шума и ниска вегетација.

На планината Столови, на врвот Чикер, пожарот сè уште не е локализиран, но ситуацијата е значително подобра во споредба со претходните денови, изјави за РТС Недељко Гагиќ, началник на Управата за противпожарно-спасувачки единици на МВР на Србија.

Во Црна Гора активни се повеќе пожари на подрачјето на Подгорица, Херцег Нови, Даниловград, Колашин, Цетиње, Никшиќ и Бијело Поље. Во гаснењето од воздух ангажирани се авиони и хеликоптери на Министерството за внатрешни работи, како и два хеликоптери на војската на Црна Гора.

Албанското Министерство за одбрана соопшти дека во последните 24 часа се забележани 34 пожари, од кои пет се активни, а четири се под контрола. Во селото Линај, во областа Голема Малесија, во текот на ноќта избувнал пожар во кој изгореле неколку напуштени куќи. Огнот се шири и во областа Шашица, на околу осум километри од Валона (Влора).

Четворица работници во каменолом, кои останале за да ја заштитат опремата, поради опасност биле повикани да ја напуштат областа. Нивното извлекување го отежнуваат силниот ветер и непристапниот терен, додека градоначалникот на Валона, Мерсини, изјави дека засега нема опасност за станбените објекти.

ИЗДВОЕНИ