Рекордниот топлотен бран што ја опустоши Источна Азија ги претвори полињата во печки и ги остави земјоделците без приходи. Во Јужна Кореја, компирите буквално беа „варени во земја“, додека екстремната топлина ги сруши температурните рекорди во Јапонија и во Хонг Конг. Експертите предупредуваат: ова повеќе не е исклучок, туку нова реалност, пишува „Слободна Далмација“.
-По неколку дена на плус 42,5 Целзиусови степени, компирите се претворија во меки грутки што се распаѓаат. Изгледаат како варени компири. Не зборуваме за едно поле, туку за целата област – вели земјоделецот Ли Санг Хјук, кој тврди дека никогаш не видел вакво нешто во својата 50-годишна работа.
Топлината е поврзана со најмалку 31 смртен случај во земјата, а повеќе од 900.000 животни и 1,4 милиони риби пцовисале.
Првпат Јапонија прогласи „сурово топол ден“, нова категорија за температури над 40 степени. Во Токио, три лава умреа поради сомнителен топлотен удар. Хонг Конг регистрираше 36,9 Целзиусови степени, највисока температура откако почнаа официјалните евиденции. Научниците предупредуваат дека ваквите екстреми би биле речиси невозможни без влијанието на глобалното затоплување.
Земјоделците се на работ на очај. Во Гуангџу, на југот од Кина, одгледувачот на лубеници Хонг Кјунг Хи го загуби целиот род, кој изгледаше совршено здрав само неколку дена претходно. Слично се случи и со јагодите, а дел од штетата не е покриена со осигурување бидејќи системот опфаќа само одредени култури и региони. Екстремна топлина ги погоди Кина, каде што беа измерени дури 50 степени во Синџијанг, и Северна Кореја, која регистрираше тропски ноќи со над 25 степени. Светската метеоролошка организација предупредува дека од 1991 до 2025 година, Азија се затоплувала двојно побрзо отколку во претходните децении.












