Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денес изјави дека Техеран никогаш не побарал прекин на огнот, ниту пак барал преговори, одговарајќи на коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп дека Иран барал договор, „но дека не сакал да го прифати бидејќи условите не биле доволно добри“.
Не гледам никаква причина зошто треба да разговараме со Американците, бидејќи разговаравме со нив кога решија да нè нападнат, рече Арагчи во интервју за Си-Би-Ес њуз.
Ова е војна што ја избраа Трамп и САД, а ние ќе продолжиме да се браниме, рече тој.
Арагчи додаде дека „Иран е отворен за земјите што сакаат да разговараат“ за отворање безбеден премин за бродовите во Ормутскиот теснец.
Без да ги именува земјите за кои станува збор, Арагчи објасни дека на Иран му се обратиле голем број земји што сакаат безбеден премин низ Заливот.
Нуклеарната програма на Иран е во урнатини и засега нема планови за нејзина обнова, додаде тој.
Арагчи објасни дека за време на иранско-американските нуклеарни разговори, Иран понудил „разредување на збогатениот материјал на помал процент“.
Тоа беше голема отстапка, но војната го промени сето тоа. Сега нема ништо на маса и сè зависи од иднината“, рече Арагчи.












