недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Америка на удар на силна бура: Подготовките за поплави се на ниво...

Америка на удар на силна бура: Подготовките за поплави се на ниво како за ураганот „Ајрин“

0

Десетици милиони луѓе на североистокот на САД се наоѓаат во средиштето на бурата која пристигнува од Атлантскиот Океан и веќе го погодува тој регион со силен ветар и дожд, а претстојат уште посилни удари.

Според информациите од Националната метеоролошка служба на САД, се очекуваат опасни поплави долж брегот на средниот Атлантик, особено во близина на Њу Џерси и Делавер.

Повеќе од 70.000 корисници останаа без струја, што е знак за она што следува за време на викендот, а метеоролозите предупредија дека олујниот ветар може да соборува дрвја, а силниот дожд да ги поплави улиците и патиштата.

„Се очекува оваа бура да предизвика големи крајбрежни поплави долж брегот на средниот Атлантик во текот на повеќе циклуси на плима и осека овој викенд“, соопшти метеоролошката служба, додека брановите, поради покачувањето на нивото на океанот од бурата, заплускуваат и кон внатрешноста на брегот.

„Веднаш подгответе се за значително поплавување на пониските подрачја во близина на брегот, вклучително и поплавување на патишта и влијание врз станбени и деловни објекти“, гласи предупредувањето упатено до жителите, вклучително и оние во Њујорк.

Во приморскиот Сурф Сити во Њу Џерси, морските бранови ги преплавија улиците и влезовите во куќите.

Околу 55 километри посеверно долж брегот, во местото Манаскван, каде што исто така се поплавени одделни патишта, градоначалникот Мајк Манган изјави дека очекува „многу вода на улиците во текот на подолг временски период“. Претходно беше издаден повик за евакуација во одделни пониски делови од тоа место.

Откажани се концерти, како и десетици летови кон аеродромите во Бостон, Нантакет и Мартас Винјард во текот на петокот и саботата.

Брајан Кели, претседател на месната заедница во малото приморско место Си Брајт во Њу Џерси, изјави дека населението се подготвува за ветар со брзина од 80 километри на час и поплави кои во одделни улици би можеле да достигнат длабочина од 1,8 метри.

„Вообичаено имаме една или две поплави годишно – некогаш повеќе, некогаш помалку – но мислам дека оваа ќе биде слична на поплавата што ја предизвика ураганот Ајрин“, изјави Кели, потсетувајќи на бурата од 2011 година која предизвика големи поплави на североистокот на САД.

Кели изјави дека градот ќе го отвори својот рекреативен центар за евакуираните лица.

Според зборовите на Метју Белк, метеоролог од Националната метеоролошка служба (NWS) од Нортон во Масачусетс, ударите на ветарот денеска би можеле да достигнат брзина од 97 до 105 километри на час во областа Кејп Код, Мартас Винјард и Нантакет, додека во околината на Бостон би изнесувале околу 80 до 89 километри на час, а во внатрешноста од 56 до 64 километри на час.

„Колку сте поблиску до брегот, толку поверојатно е повеќе да ги почувствувате последиците од бурата“, изјави метеорологот.

Белк наведе дека силните бури од североисток не се необични за почетокот на есента во тој дел од САД, но укажа дека тоа што годинава лисјата сè уште не се паднати од дрвјата создава поголем отпор на ветарот, што ја зголемува опасноста од паѓање на гранки. Тоа може да доведе до кинење на каблите од електричната мрежа и прекин во снабдувањето со струја, како и до трупање пречки по улиците и патиштата, објасни тој.

Според податоците на Метеоролошката служба, долж атлантскиот брег на Њу Џерси и Делавер ударите на ветарот би можеле да достигнат брзина од 96,6 километри на час.

Слична брзина на ветарот се очекува и во југоисточен Конектикат и источниот дел на Лонг Ајленд (сојузна држава Њујорк), што би можело да доведе до кинење гранки и оштетување на електричната мрежа.

Во петокот беа откажани повеќе од 200 летови кон аеродромите во Бостон, Нантакет, Мартас Винјард и во Њујорк, а веќе се најавени и дополнителни откажувања за денеска.

Патничкиот бродски сообраќај што го поврзува Кејп Код со островите Нантакет и Мартас Винјард од петокот е нарушен со бројни откажувања на поаѓањата поради силниот ветар и узбурканото море.

Во Род Ајленд исто така се откажани поаѓањата на бродовите кон островот Блок.

ИЗДВОЕНИ