Бројот на луѓе кои се соочуваат со глад во светот би можел да достигне 520 милиони до 2030 година, изјави Олег Кобјаков, шеф на канцеларијата на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) во Русија.
„Со оглед на влијанието на конфликтот на Блискиот Исток, меѓу 510 и 520 милиони луѓе сè уште ќе се соочуваат со глад до 2030 година“, изјави Кобјаков за „РИА Новости“, истакнувајќи дека пред кризата, таа бројка се проценувала на 503 милиони луѓе.
Тој нагласи дека прогнозата не ги зема предвид другите потенцијални неповолни фактори, како што се екстремните временски услови, кои би можеле да ја влошат ситуацијата.
„Според тоа, кризата на Блискиот Исток би можела да влијае и на други земји преку растот на цените на енергенсите и вештачките ѓубрива“, заклучи Кобјаков.
Руската агенција забележува дека на 28 февруари САД и Израел почнале да напаѓаат цели во Иран, на што Иран возвратил со сопствени напади.
Во средината на јуни, Техеран и Вашингтон потпишаа меморандум за прекин на непријателствата, но подоцна повторно разменија напади.
Ескалацијата на конфликтот практично го запре минувањето на бродови низ Ормускиот Теснец – клучна глобална рута за снабдување со нафта, нафтени деривати и течен природен гас – што резултираше со раст на цените на горивото во повеќето земји, пренесува „Танјуг“.












