Крајно загрижувачкото историско намалување на бројот на запишани првачиња во земјава е најдиректна последица на големото намалување на наталитетот предизвикано од големото иселување и од други фактори. Ваквите негативни процеси се присутни со години, а сега само кулминираат, при што нема да биде изненадување доколку сега предвидениот број за 3.000 првачиња помалку во септември во следните години биде уште поголем. Пописот на населението од пред пет години покажа загрижувачки податок дека за околу две децении се намалил бројот на жители за околу 200.000. Но, за жал, по ова, секоја година потоа носеше уште попоразителни податоци за намалување на населението. Само минатата година, на пример, во земјава дошле на свет рекордно мал број бебиња – само 15.531, во ситуација кога во истиот период лани имало 19.921 умрено лице. Тогаш излегува дека лани се намалило населението во земјава за 4.381 лице, како да исчезнал цел еден помал македонски град.
Во ваква ситуација не може да се очекуваат подобри податоци за бројот на запишани првачиња. Индикативно е тоа што, на пример, намалениот број првачиња, кои во септември ќе бидат за околу 3.000 помалку, произлегува од генерацијата деца родени во 2020 година. Тогаш, според официјална статистика, во земјава било родено 19.031 бебе. Ова веднаш води кон прашањето колкаво ќе биде опаѓањето на бројот на првачиња во 2030 година кога на ред за запишување ќе стигнат 15.531 дете родени лани. Бројките, извесно, ќе бидат уште попоразителни доколку не запрат негативните трендови.
Се финализира стратегијата за демографска отпорност
А лошите тенденции никако да запрат, исто како што во практика никако да заживеат одредени мерки што би биле во функција на зголемување на наталитетот. Во изминативе години беа донесени најразлични мерки, кои при промената на власта во земјава најчесто доживуваа укинување, како последица на идеолошките разлики меѓу партиите на власта. Во изминатиов период, владините претставници најавуваа одредени мерки за стимулирање на наталитетот, кои сè уште чекаат на свое заокружување и носење. Сега се најавуваат нови. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади денеска ни потврдија дека веќе се подготвува такво нешто.
– Анализата на клучните демографски показатели, како што се стапката на наталитет, стапката на природен прираст, стапката на морталитет и вкупната стапка на фертилитет, укажува на присуство на негативни демографски трендови. Демографските предизвици не се специфични само за нашата земја туку се карактеристични и за поголемиот дел од европските држави. Поради тоа, демографијата претставува еден од приоритетите на Владата, а пристапот кон нејзиното унапредување подразбира координирани политики и мерки во повеќе области, меѓу кои економскиот развој, инфраструктурата, образованието, здравството, социјалната политика, културата и животната средина. Министерството подготвува стратешки документи од областа на демографијата. Повеќе од една година работиме на подготовка на стратешки документи во соработка со УНФПА. Во тек е финализирањето на нацрт-стратегијата за демографска отпорност и на акцискиот план за нејзина имплементација – изјавија денеска во овој владин ресор за весникот ВЕЧЕР.
Оттаму објаснуваат дека станува збор за комплексни документи што опфаќаат повеќе меѓусебно поврзани области и системи што имаат директно влијание врз демографските движења.
– Со цел да се обезбедат квалитетни, применливи и одржливи решенија, документите се во завршна фаза на подготовка и ќе им бидат ставени на увид на сите засегнати страни, проследени со јавни консултации и дебати. На овој начин се обезбедува инклузивен и транспарентен процес, а нивното финализирање се очекува во најкраток можен рок. Министерството веќе има подготвено пакет конкретни мерки што произлегуваат од стратешките определби и од анализите на состојбите. Деталите за овие мерки ќе бидат јавно презентирани по нивното разгледување и усвојување од страна на Владата – информираат од овој ресор.
Излегува дека допрва ќе треба да се види какви сè мерки ќе бидат дефинирани, сè со цел да се зголеми бројот на новороденчиња. Премиерот Христијан Мицкоски најави пред неколку месеци дека од почетокот на следната година ослободувањето на мајките од данокот ќе биде една од мерките со кои ќе се стимулира поголем наталитет во земјава. Тој тогаш рече дека на тој начин ќе се добијат пристојни суми со кои ќе може да се покријат одредени трошоци. Според него, мерката е дел од предвидените содржани во демографската стратегијата на земјава, во која е наведено дека еден од нашите приоритети е и поддршката за формирање семејства и поддршка на родителите. Истовремено, во тогашното телевизиско интервју за националниот јавен сервис беше категоричен дека Владата, меѓутоа, не планира примена на финансиско стимулирање на наталитетот.
– Не можеме материјално да го стимулираме тоа, бидејќи се докажа дека тој концепт, кога материјално бил стимулиран, не успеал. Еве, Јужна Кореја, па и голем дел од западноевропските земји членки на ЕУ. Податок за Чешка покажува дека таа земја има најниска стапка на родени деца од 1783 година наваму. Јужна Кореја е земја со најниска стапка на фертилитет во светот, а има потрошено стотици милијарди долари за стимулирање на наталитетот и на демографијата. Тоа не е начин на кој треба да го стимулираме тоа. Тоа е еден концепт што треба да се поврзе со свеста и совесноста – нагласи македонскиот премиер.
Имаат ли мерките воопшто ефект?
И владиниот координатор за демографија и млади, Владимир Ѓорчев, смета дека давањето вакви стимулации ретко може да донесе ефект. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, тој потенцира дека она што се случува сега со драстичното опаѓање на бројот на првачиња е резултат на катаклизмички случувања.
– Сега првачиња стануваат децата родени во 2020 година. кои сега имаат шест години. Во 2020 година имавме демографска катаклизма во Македонија, а последиците ги гледаме сега, со празни училници. Се работи за огромен проблем и, како општество, треба длабоко да се замислиме за овие бројки – наведува Ѓорчев.
Според него, мерките не се толку клучни за зголемување на наталитетот колку што е тоа работа на личната одлука на секој поединец и двојка.
– Има огромен број побогати земји од македонската што имаат помали стапки на фертилитет од неа, како што се Финска, Германија, Полска, Луксембург, Италија, Грција, Јапонија… Сите тие имаат солидни финансии и мерки за стимулирање на наталитетот, но многу малку новородени деца и ефекти од мерките. Зарем во тие земји луѓето немаат добар животен стандард за да може да си дозволат повеќе деца? Имаат подобар стандард, но тоа, сепак, не води кон одлука да имаат повеќе деца. На крајот, клучни се желбата и одлуката да се биде родител. Децата не се никаков товар, туку носат многу љубов и среќа. Родителството е прекрасна работа и затоа треба да ги цениме мајките и татковците. Основна е желбата на луѓето дали сакаат да имаат деца. Проблем е што многумина не сакаат или сакаат да имаат само едно дете. И одозгора, не сакаат никој да им се меша во тоа – потенцира Ѓорчев во изјавата за ВЕЧЕР.
За загрижувачкиот проблем со демографијата беше предупредено неодамна, на централната прослава на најголемиот државен празник, Илинден, во Крушево. Собранискиот потпретседател, Антонијо Милошоски, во своето обраќање на Мечкин Камен рече дека „демографијата е нашата нова борба за Македонија“.
– Крушево – градот што е симбол на борбата за слобода и државност, денес има неколкукратно помалку првачиња отколку во минатите децении. За жал, истото е и во Прилеп, Струга, Струмица, Дебар и во Скопје. Што ќе вредат спомениците ако нема детски раце што ќе положат венец пред жртвата на илинденците? Колку ќе вреди македонскиот јазик ако нема кој да го зборува и да им го пренесе на своите внуци? Ќе вредат ли училиштата ако нема детски џагор во нив? Браќа и сестри, нашето востание не се пушката и црешовото топче, туку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитуваат одговорни поколенија. Демографијата не е само статистика. Демографијата е бебешкиот плач и родителските солзи радосници. Младите ученици што носат надеж за успех. Демографијата е семејство полно со деца и полно со верба дека среќата е поголема кога има во домот повеќе сестрички и братчиња – истакна Милошоски. (Б. Ѓ.)












