Покрај Супер Ел Нињо кој се засилува во Тихиот Океан и носи топлински бранови на Северната хемисфера, научниците почнаа да следат уште еден феномен што би можел да ги промени прогнозите за зимата. Станува збор за позитивната фаза на диполот на Индискиот Океан (IOD) – феномен за време на кој западниот дел од Индискиот Океан е потопол од просекот, а источниот дел е постуден, пишува Severe Weather Europe (SWE).
Тие предвидуваат дека овој феномен би можел да трае во текот на есента и почетокот на зимата и, во комбинација со Супер Ел Нињо, да влијае на температурите и врнежите во Европа и Северна Америка. Комбинираното влијание на овие феномени е посилно отколку кога се јавуваат одделно.
SWE наведува дека мерењата покажуваат дека позитивната фаза на IOD веќе започнала, додека Супер Ел Нињо сè уште не го достигнал својот врв. И двата феномена, во комбинација, го менуваат движењето на воздушните струи што ги насочуваат студените фронтови и бурите во текот на зимата.
Затоа, во ноември се очекува силен пораст на топлиот воздух над Тихиот Океан и западниот Индиски Океан, додека воздухот ќе се спушти над другите области. Ова би можело да резултира со потопла од просечната зима во декември за поголемиот дел од Европа, северните делови на САД и Канада. Од друга страна, југот и југоистокот на САД би биле постудени поради навлегувањето на студен воздух и почестите бури.
Најновите долгорочни прогнози од ECMWF за Европа потврдуваат потенцијално потопла од просечната зима, бидејќи воздухот со низок притисок би можел да се задржи над северозападниот дел од Стариот континент, додека воздухот со повисок притисок би можел да се задржи на југ, фаворизирајќи посилни ветрови од Атлантикот кои носат потопол и повлажен воздух.
Сурови временски услови во Европа
Повремени постудени воздушни маси се уште се можни, особено во Ирска и Велика Британија, додека посилен прилив на влажен воздух од Атлантикот би можел да донесе повеќе дожд во западните и северните делови на Европа. Најголема веројатност за обилни врнежи од снег, според прогнозата на SWE, има во северна и североисточна Европа, заедно со планинските области во централниот дел на континентот, додека на други места снегот главно ќе зависи од изолирани ладни воздушни маси.












