Полицијата во Германија, Австрија и Унгарија истражува серија вознемирувачки инциденти, откако во слатките што им биле дадени на децата за Ноќта на вештерките беа пронајдени игли, клинци, завртки и други остри метални предмети. Две девојчиња се повредиле откако загризале чоколатца, а родителите се предупредени внимателно да ги прегледаат слатките што нивните деца ги собрале додека оделе од врата на врата.
По прославите за Ноќта на вештерките, во неколку европски земји се пријавени голем број опасни инциденти. Полицијата добила пријави за слатки во кои биле скриени остри метални предмети, при што во некои случаи дошло и до повреди кај децата.
Според Би-Би-Си (BBC), најголем број пријави досега доаѓаат од Германија, каде што вакви случаи се откриени во неколку сојузни покраини – од Баварија на југ до Долна Саксонија на север.
Во германскиот град Бремерверде, западно од Хамбург, деветгодишно девојче си го повредило јазикот додека јадело чоколатце што го добило за Ноќта на вештерките. При дополнителна проверка, во слаткото била пронајдена скриена метална игла, долга пет сантиметри.
Полицијата во Баварија пријавила дури 25 одделни инциденти во кои во слатките биле пронајдени игли, клинци или завртки. Првичните податоци укажуваат на тоа дека бројот на вакви инциденти оваа година е значително поголем во споредба со претходните години. Истражителите исто така предупредија на можноста за појава на „имитатори“ (луѓе кои ги копираат постапките). Во Средна Франконија, една мајка пријавила дека пронашла игла во чоколатцето на своето дете. Сепак, таа подоцна повторно се јавила во полицијата за да пријави дека нејзиното дете признало оти самото ја ставило иглата во слаткото, пренесува tportal.hr.
Во Унгарија пронајдени клинци, завртки и жица
Слични случаи се забележани и во Унгарија, каде што полицијата започна кривична истрага откако во слатките поделени на децата беа пронајдени метални предмети. Инцидентите се пријавени во градот Ѓомре, источно од Будимпешта, како и во околните места.
Локалните власти соопштија дека едно девојче добило карамела завиткана во обвивка од чоколадо, во која имало остар метален клинец. За среќа, девојчето навреме го забележало туѓото тело и не го проголтало слаткото. Во други слатки биле пронајдени завртки и парчиња жица.
И во Австрија повредено дете
Австриската полиција истражува неколку случаи, пријавени во четири сојузни покраини. Во близина на Амштетен, источно од Линц, десетгодишно девојче се здобило со полесни повреди во пределот на устата откако загризало чоколатко во кое имало метален предмет. Австрискиот министер за внатрешни работи, Герхард Карнер, остро ги осуди инцидентите, опишувајќи ги како „кукавички, злонамерни, а во некои случаи и опасни по живот“. Гувернерката на Долна Австрија, Јохана Микл-Лајтнер, изјави дека сторителите мора да одговараат пред законот.
„Нашите деца заслужуваат безгрижно детство и ние ќе продолжиме да се грижиме тоа да им биде овозможено“, рече таа.
Полицијата упатува предупредување до родителите
Полициските служби во сите три земји ги повикаа родителите да ги проверат слатките што нивните деца ги добиле за време на прославата на Ноќта на вештерките, особено доколку амбалажата е оштетена или изгледа сомнително.
Истражните органи се обидуваат да утврдат кој е одговорен за ставањето на опасните предмети и дали поединечните случаи се поврзани. Засега нема потврда дека станува збор за организирана акција, а случајот од Баварија покажува дека околностите за секоја пријава треба да се проверуваат поединечно.












