И покрај тоа што по 1 мај требаше да бидат донесени мерки за спречување на растот на цените на прехранбените производи, тоа сè уште не се случи. Половина месец подоцна, Владата сè уште врши контроли за да утврди дали има девијантно однесување од страна на трговците. Како што најави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и до 20 мај ќе заврши контролата на маржите кај производителите, дистрибутерите и трговците, по што ќе се види дали и какви мерки ќе бидат донесени.
– Владата се бори не само со тековните предизвици, туку и со наследените проблеми од претходната власт. Инфлацијата не е само кај нас, туку и во многу други земји. Така, Романија има 9 отсто инфлација, Бугарија 6,2 отсто, Хрватска 4,5 отсто… Ние сме увозно зависна земја и цените ги диктираат увозниците. ДПИ од 10 до 20 мај ќе врши контроли во сите синџири маркети и ќе се види дали има девијантно однесување. Претходниот месец имаше минимално намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот. Доколку трговците неконтролирано ги зголемиле цените, ќе ги преземеме административните мерки што ги имаме на располагање. Минатиот пат реагиравме со намалување на маржите, изјави Дурмиши.
Тој вели дека цените на прехранбените производи не ги одредува Владата. Ако се покаже дека трговците повторно ги зголемиле маржите, Владата ќе реагира со соодветни мерки, а можно е и намалување на ДДВ-то за прехранбените производи.
– Ние ги следиме маржите на внатрешните трговци. Минатиот пат имаше казни затоа што маржите се движеа од 20 до 30 отсто. Минатиот месец не донесовме мерки затоа што имаше намалување на маржите за 1,5 отсто. Доколку контролите на ДПИ покажат дека има зголемување на маржите, може, како кај бензините, да го намалиме ДДВ-то на храната, рече Дурмиши и додаде дека не е исклучена можноста и за повторно ограничување на цените на основните прехранбени производи.
Тој додаде дека во 2020 година, кога почна војната во Украина, инфлацијата изнесувала од 15 до 20 отсто, а сега е околу 5 проценти. Доколку не се случеше војната на Блискиот Исток, инфлацијата ќе беше 2 отсто. Според Дурмиши, сегашната инфлација од 5 проценти не е висока ако се земе предвид дека во Европа има земји со инфлација и до 10 отсто.
Што се однесува до просечната потрошувачка кошничка, Дурмиши рече дека таа е при крај, а рокот за нејзино донесување е 30 јуни.
– Разгледана е од членовите на Економско-социјалниот совет, доставени се забелешките од нивна страна и веќе се обработуваат. Кошничката ќе биде ставена на дневен ред на следната седница на ЕСС, ќе биде разгледана и, ако е потребно уште нешто, дополнително ќе се додаде. Ако не, и ако сите страни се усогласат, тогаш ќе биде објавена и достапна за граѓаните, изјави министерот.
Моментално, како што напомена, во фокус е реформската агенда, за чие исполнување се ангажирани сите ресурси на Министерството.
(А.С.)












