Доколку имате цели и желби во животот, ќе најдете и начин како да си ги остварите, порано или подоцна. Ова на најдобар начин го демонстрира ултрамаратонецот и триатлонец, Горан Билбилоски. Тој не само што го живее спортот туку помага и другите да ги почувствуваат придобивките од него. Освен тоа, работи и како асистент на децата со попреченост, правејќи го нивниот живот полесен.
Негова најнова остварена цел е атлетскиот маратон во Кејптаун (Јужна Африка), каде што, исто како и на маратонот на Хаваите минатата година, беше единствен македонски натпреварувач. Но, разликата од тој до овој маратон во Кејптаун е тоа што сегашниот ѝ беше посветен и на неговата внука, Софија.
Сепак, освен трчањето, имаше и можност подобро да се запознае со културата и со убавините на ЈАР, а импресивно е и тоа што трасата на маратонот минува и покрај местото каде што првпат слободно зборуваше Мандела.
- Хаваи беше прв, Кејптаун е втор, на само 9.000 километри далечина од дома. А животот е премногу краток за да не трчаш кон следниот хоризонт. Хаваи ме направи тркач, Кејптаун, со 100 земји учеснички, ме „потврди“ со време 04,29. Презадоволен сум, елевацијата 300 и сонцето си го направија своето.

Но, овој маратон е особен на еден сосема друг начин. Секој од тие 42 километри го трчав за мојата внука, Софија, за нејзината насмевка, за нејзиниот живот, за сето убаво што е пред неа. Ако ги прочиташ овие зборови некогаш, Софи „деде“ трчаше за тебе. Секој чекор – 42 километри. Под планината Тејбл Маунтајн, едно од новите седум чуда на природата, со Атлантскиот и со Индискиот Океан на секоја страна. Трасата поминува покрај замокот на `Ртот Добра Надеж, изграден во 1666 година, покрај Бо-Кап со шарените куќи, покрај местото каде што првпат слободно зборуваше Мандела. Ако морате да трчате 42 километри некаде на овој свет, ова е тоа место.
Како започна сево ова? Исто како Хаваи – со луѓе што веруваат во тебе. Кирка и Ное рекоа „ајде” за Хаваи. Кејптаун дојде со истата едноставна логика: кога имаш луѓе и причина, нема растојание што е преголемо. Не ми е важно времето. Никогаш не ми било. Трчам за душа, за спомени, за радост. Трчам затоа што можам. Трчам затоа што секој километар ме потсетува дека сум жив.
Да, јас сум првиот Македонец што трчаше маратон на Хаваи. А сега повторно бев првиот Македонец што го трчаше маратонот во Кејптаун.
Жики, Бикс, Дејан – поклон до земја за тоа што ме трпите и она кога ви велам „само уште две минути, и ќе завршам“, „еве уште малку, готов сум“, сето тоа беше за ова. Голема благодарност до заедницата ОУРЦ „Златан Сремац“, затоа што секогаш е тука кога ми треба, и моите колешки и колега од ООУ „Петар Поп Арсов“ и до мојот тим во Канада со кој работам – кажа Горан по поминувањето низ целта на маратонот во Кејптаун.
(С. Т.)











