Изборите во германската покраина Мекленбург-Западна Померанија предизвикаа нов политички пресврт, АфД излезе како најсилна партија со 38,2 отсто од гласовите, додека ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц, со 4,9 отсто, не успеа да обезбеди место во покраинскиот парламент.
Според прелиминарните официјални резултати, АфД освои 38,2 отсто од гласовите на изборите во неделата, додека Социјалдемократската партија на Германија (СПД) – предводена од актуелната покраинска премиерка Мануела Швезиг – освои 35,5 отсто.
Ова претставува најдобар резултат на АфД во оваа покраина досега, додека СПД ја загуби водечката позиција по речиси три децении на чело на покраинската влада.
ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц претрпе особено тежок удар. Демохристијаните освоија само 4,9 отсто од гласовите, со што не го достигнаа изборниот праг од пет отсто и не успеаја да обезбедат место во покраинскиот парламент.
Ова е историски резулта за ЦДУ, партија која никогаш претходно не пропуштила да го помине изборниот праг или да остане без претставништво во некој покраински парламент. Претходниот најлош резултат на партијата на покраински избори изнесувал 9 отсто, постигнат во Бремен во 1951 година.
Самиот Мерц ја опиша изборната ноќ во Мекленбург-Западна Померанија како катастрофа, откако стана јасен обемот на загубата на поддршка за ЦДУ.
АфД освои најмногу гласови, но нема мнозинство
Иако АфД освои најмногу гласови, самиот резултат не е доволен за формирање покраинска влада. Според прелиминарните резултати, АфД ќе има 32 пратенички места, а СПД 29, додека „Левицата“ (Die Linke) и „Зелените“ ќе имаат по пет места во парламентот.
Тоа значи дека АфД нема апсолутно мнозинство, а партиите што влегоа во парламентот ја отфрлија можноста за коалиција со неа.
Сепак, Тино Крупала, ко-лидерот на АфД, во изборната ноќ изјави дека неговата партија смета оти има „јасен мандат за владеење“ и најави дека ќе понуди преговори за коалиција на сите други партии.
Сепак, со оглед на моменталните ставови на парламентарните партии, има многу малку простор за такви преговори.
СПД на Мануела Швезиг освои 35,5 отсто од гласовите, завршувајќи како втора најсилна партија.
Постоечката коалиција меѓу СПД и „Левицата“ повеќе нема мнозинство, но распределбата на пратеничките места отвора можност за формирање сојуз меѓу СПД, „Левицата“ и „Зелените“.
Заедно, овие три партии имаат 39 пратенички места, што би им обезбедило парламентарно мнозинство. Партијата „Левица“ освои 6,5 отсто од гласовите, додека „Зелените“ го поминаа изборниот праг со 5,7 отсто.
BSW на Сара Вагенкнехт остана под прагот со околу 4,8 отсто, додека FDP обезбеди само еден отсто од гласовите и исто така нема да има претставници во новиот законодавен дом.
Резултатот во Мекленбург-Западна Померанија дополнително покрена прашања во врска со позицијата на ЦДУ на сојузно ниво.
АфД неодамна постигна силни изборни резултати во источните делови на земјата и сега, за првпат, стана најсилна партија во оваа сојузна покраина. „Дојче веле“ известува дека, покрај тешкиот пораз на ЦДУ, партијата АфД забележала значителен изборен напредок, но, сепак, дури и во Мекленбург-Западна Померанија, таа нема доволна поддршка за самостојно да формира влада.
Хрупала во изборната ноќ изјави дека очекува Мерц да поднесе оставка, оценувајќи дека таков потег би претставувал „олеснување за оваа земја“.
Сепак, Мерц не најави оставка.
Според тоа, резултатите претставуваат сериозен политички удар за ЦДУ, иако самите по себе не го менуваат составот на сојузната влада во Берлин. Државниот парламент во Шверин сега очекува формирање ново мнозинство, додека изборниот резултат несомнено ќе биде предмет на сериозна дебата во рамките на германските политички партии.












