Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени на 26 август од 21 пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, три месеци чекаат да се придвижат од собраниските фиоки. Додека женските организации неофицијално велат дека антиродовите движења вршат притисок врз пратеничките да се повлечат од предлогот, претседателот на Собранието, Африм Гаши, вчера изјави дека законот е испратен на мислење до Владата и дека ќе го пушти во собраниска процедура откако ќе го добие одговорот.
„Во однос на законот што е во собраниска процедура, испратено е мислење до Владата. Штом добиеме мислење од Владата, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура. Мислењето е важно бидејќи се работи за чувствителна тема“, изјави Гаши.

Но, Деловникот на Собранието не предвидува добивањето мислење од Владата да биде услов за продолжување на законодавната постапка. Членот 138 предвидува дека предлогот на законот што не го поднела Владата, претседателот на Собранието го доставува до Владата за да даде мислење, но веднаш потоа следува и одредбата: „Ако Владата не достави мислење, Собранието и работните тела, предлогот на закон го разгледуваат без мислење“.
Измените се поднесени по скратена постапка, за која важат посебни правила од членовите 170 и 171. Според нив, предлагачот може да побара скратена постапка кога не станува збор за сложен и обемен закон, но Собранието е тоа што одлучува дали ќе ја прифати. Ако ја прифати, претседателот веднаш ги задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат за предлогот. Собранието одржува општ претрес, а второто и третото читање се одржуваат на иста седница. Ниту овие одредби не предвидуваат чекањето на мислење од Владата да ја запре постапката.

На брифинг со новинарите, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост, предупредија дека антиродовите движења ја извртуваат вистината за предложените измени и влијаат врз пратениците. Тие побараа од пратеничките да не отстапуваат од предлогот и да не дозволат да му се случи истото што се случи со законот за основно образование, во кој беа направени измени на дефиницијата за род. Според нив, зад нападите врз родовата терминологија се крие обид за зајакнување на позицијата на мажот и враќање на жената во домот, наместо да се отвори суштинска дебата за заштитата на жените од насилство. Во центарот на спорот е и дефиницијата за „род“ во законскиот текст.
Во приложениот текст на постојниот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, на страница 21, таа е дефинирана како „општествено-конструирани улоги, однесувања, активности и атрибути што дадено општество ги смета за соодветни за жените и за мажите“. Во истиот текст, трансродово лице се дефинира како лице кое родово не се идентификува со полот определен при раѓање. Овие дефиниции се дел од постојниот закон, приложен кон предлогот, а не нови одредби со кои пратеничките предлагаат да се воведе ново значење на родот. Со августовските измени тие не се отстрануваат. Токму задржувањето на оваа терминологија, според неофицијалните информации, е една од причините за притисокот врз пратеничките.
Во меѓувреме, организациите кои работат на заштита на жените бараат измените да бидат ставени на дневен ред и усвоени, бидејќи со нив се предвидува проширување на полициските овластувања во случаи на непосредна опасност и дополнителна заштита на децата.
МПЦ-ОА: Свештенството ќе се обучува за препознавање насилство врз жена
По седум фемициди и илјадници поплаки и жртви од почетокот на годината, за состојбата со семејното насилство се огласи и Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Светиот архијерејски синод ги осуди сите облици на насилство, особено семејното насилство и насилството врз жените, како и фемицидите, кои ги оцени како најсуров облик на насилство врз жените.
МПЦ-ОА ги оценува како загрижувачки размерите на зголеменото насилство и ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата, поради што ја потврдува подготвеноста за соработка со надлежните државни институции, верските заедници, религиозните групи и другите релевантни организации, со цел заедничко дејствување во спречувањето и надминувањето на овие негативни општествени појави.
– Истовремено, ја препознава потребата од континуирана едукација и соодветна обука на свештенството, со цел унапредување на неговите знаења и способности за навремено воочување и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно насилство и насилство врз жените, како и за давање соодветна поддршка на лицата погодени од насилство и нивно благовремено упатување до надлежните специјализирани институции и стручни служби – се вели во соопштението од САС на МПЦ-ОА. (П. А.)












