Надзорната расправа ги отвори дилемите за независноста на Народната банка и можните политички влијанија врз изборот на гувернерот Трајко Славески. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова категорично отфрли каква било вмешаност во постапките поврзани со Алта банка, нагласувајќи дека тие се во надлежност на централната банка. Пратеничката Соња Мираковска, пак, побара одговор дали при изборот на Славески имало политички притисок од премиерот Христијан Мицкоски. Паралелно, сопственикот на Еуростандард банка, Трифун Костовски, повторно го отвори прашањето зошто за Алта се барало решение за стабилизација, а неговата банка во 2020 година останала без дозвола за работа

Надзорната расправа во Собранието за случајот со Алта банка ги отвори прашањата за институционалната независност на Народната банка, одговорноста на државните институции, критериумите за избор на гувернер и околностите под кои српската банка доби можност да влезе во македонскиот банкарски систем. Во фокусот на расправата беа и политичките релации, улогата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова при предлагањето на гувернерот Трајко Славески, како и споредбата со пропаѓањето на Еуростандард банка, чиј сопственик Трифун Костовски побара повторно да се отворат сите документи за случајот.
На почетокот на расправата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ја постави дилемата за разграничување на надлежностите на институциите, посочувајќи дека една од суштинските цели на собранискиот надзор треба да биде прецизно утврдување кој за што е одговорен во институционалниот систем. Тој ја повика претседателката Сиљановска-Давкова да ги образложи своите уставни и законски овластувања во однос на банкарскиот сектор, имајќи ја предвид независноста на Народната банка.
Мицевски се повика на членот 60 од Уставот, со кој се гарантира самостојноста на централната банка, како и на членот 5 од Законот за Народната банка, кој ја утврдува нејзината независност. Тој побара конкретен одговор дали претседателот на државата има какви било надлежности при издавање или одземање банкарски дозволи, давање согласност за стекнување квалификувано учество, спроведување банкарска супервизија или воведување привремена администрација. Дополнително, праша дали претседателката или нејзиниот кабинет биле вклучени во некоја од постапките поврзани со Алта банка.
Сиљановска-Давкова категорично одговори дека нема никаква улога во овие процеси и дека сите наведени прашања се исклучиво во надлежност на органите на Народната банка. Таа нагласи дека нејзините овластувања не опфаќаат издавање и одземање дозволи, давање и повлекување согласности, супервизорски мерки или воведување администрација во банка. Претседателката нагласи дека ниту таа ниту нејзиниот кабинет учествувале во процедурите за Алта банка.
Посебен дел од расправата беше посветен на изборот на Трајко Славески за гувернер. Сиљановска-Давкова објасни дека одлуката за неговата кандидатура ја донела самостојно, врз основа на неговата стручност, компетентност, професионален интегритет и академско искуство. Пред да го достави предлогот, како што посочи, разговарала со економски и банкарски експерти, поранешни гувернери, професори и претставници на академската јавност. Според неа, Славески ги исполнувал законските услови, со четири децении професионално и академско искуство и значајна меѓународна кариера. Таа ги отфрли како „бизарни“ и „бесмислени“ тврдењата дека нејзиниот предлог за гувернер има каква било поврзаност со влезот на Алта банка. Притоа, појасни дека претседателот предлага, а Собранието избира, поради што гувернерот не одговара пред шефот на државата, туку постапува самостојно во рамките на законските овластувања и одговара пред Собранието.
Сепак, пратеничката Соња Мираковска од коалицијата на СДСМ отвори серија прашања за критериумите врз основа на кои бил избран Славески. Таа оцени дека критериумот „реална можност за именување“, кој бил наведен во образложението на претседателката, отвора дилема дали бил избран најквалитетниот кандидат или оној за кого однапред било извесно дека ќе добие поддршка од парламентарното мнозинство. Мираковска праша дали Сиљановска-Давкова била под политички притисок од премиерот Христијан Мицкоски при номинацијата. Како аргумент го посочи јавното соопштение на Мицкоски од 22 мај 2025 година дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот, иако претходно, на 21 мај, претседателката говорела за потребата од консензус.
Дополнително, таа ја проблематизираше независноста на Славески по неговата јавна изјава дека се консултирал со премиерот за влезот на Алта банка во македонскиот банкарски систем. Мираковска потсети дека на 1 септември 2025 година Народната банка дала претходна согласност Алта банка да стекне до 100 проценти од акциите на Стопанска банка АД Битола. Таа побара одговор дали зад процесот постоело политичко договарање и дали изборот на гувернерот бил поврзан со интереси на владејачката партија. Воедно, отвори прашања за сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, и неговите политички и деловни релации во Србија, нагласувајќи дека не тврди оти постои докажан договор, туку бара институционални одговори.
Покрај Алта банка, расправата повторно ја актуализираше и судбината на Еуростандард банка. Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ го праша бизнисменот Трифун Костовски дали пред затворањето на банката во 2020 година имал средби или комуникација со тогашниот премиер Зоран Заев, министерката за финансии Нина Ангеловска, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска или други високи функционери. Таа побара да посочи што конкретно било побарано на тие средби и дали постојат докази за евентуални разговори и преземени обврски. Стојаноска го праша и кои механизми за спасување ѝ стоеле на располагање на Народната банка во 2020 година, а не биле искористени, како и дали Костовски официјално побарал воведување администрација наместо одземање на дозволата за работа.
Костовски одговори дека не е против преземените мерки за стабилизирање на Алта банка и дека ја поддржува секоја постапка што ќе ја зачува стабилноста на банкарскиот систем. Но, побара да се објасни зошто слични механизми не биле применети и во случајот со Еуростандард банка. Тој тврдеше дека акционерите вложиле 13 милиони евра свеж капитал шест месеци пред одземањето на дозволата, дека ги платиле изречените казни и дека не се повлекле од банката.
Според неговото сведочење, тоа се случувало во услови на ковид-пандемија, забрана за присилна наплата и институционален вакуум поради нефункционирањето на Собранието и Владата. Костовски ги отфрли тврдењата дека имал средби со Заев и Ангеловска, посочувајќи дека неговиот син на 12 август имал средба само со тогашниот технички премиер, Оливер Спасовски.
Тој побара да се најде надлежно тело кое ќе ја разгледа целокупната документација за пропаѓањето на Еуростандард банка, додека пратеникот Миле Талески отвори прашања за правното утврдување на реалната состојба на активата, обврските на супервизорот и можноста за навремена интервенција.
Во расправата се појави и забелешка дека темата за Еуростандард не треба да го дефокусира вниманието од главните прашања за Алта банка, потеклото на капиталот, постапувањето на Народната банка и одговорноста на институциите.
(С. Бл.)












