петок, ноември 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Им земале автомобили и пари со лажни договори, фалсификувале потписи и ги...

Им земале автомобили и пари со лажни договори, фалсификувале потписи и ги уценувале за веќе вратени долгови

0

Предлог за притвор за тројца осомничени од група која со закани изнудувала пари од граѓани, им наметнувала фиктивни долгови и со фалсификувани договори им одземала автомобили, достави Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје. Четвртиот осомничен подолг период е надвор од државата, а за нотар кој заверувал лажни документи се бараат мерки на претпазливост.

Според истрагата, групата ја формирал кумановец, а од 2021 година ги искористувала луѓето кои претходно позајмувале пари од него. Иако оштетените ги враќале позајмиците, осомничените продолжувале да бараат дополнителни исплати, им се заканувале и ги принудувале да прифаќаат нови, фиктивни долгови.

Една жена позајмила 4.000 евра, со договор да ги врати за еден месец со камата од 2.500 евра. Откако го исплатила целиот износ, осомничениот побарал да ја користи нејзината банкарска сметка за префрлање пари прибавени со изнуда. Кога одбила, почнал да ѝ се заканува и барал да го предаде автомобилот како залог за наводен долг.

За да го преземат возилото, осомничените изготвиле фиктивен договор за купопродажба и договор за заем од еден милион денари. Го фалсификувале потписот на жената и без нејзино знаење ги завериле документите на нотар. Потоа, врз основа на нив, ја принудувале да го предаде автомобилот и да го исплати наводниот долг. Сопственоста на возилото била префрлена на еден од осомничените, а жената била принудена да им исплати и дополнителни пари.

Друг оштетен во 2021 година позајмил двапати по 180.000 денари за лекување на сопругата. Иако ги вратил парите, осомничените продолжиле да бараат дополнителни исплати на име камата. Потоа го принудиле да ја користат неговата банкарска сметка за префрлање големи суми пари прибавени со изнуда, кои формално ги прикажувале како заеми, а потоа ги повлекувале во готовина.

Обвинителството води истрага против четворицата за злосторничко здружување, изнуда и перење пари. Нотарот е осомничен за несовесно работење во службата.

ИЗДВОЕНИ