Американскиот кошаркар Чавон Даниел Луис, член на Широки Бријег, доживеал несекојдневна ситуација во текот на утрински тренинг во Кочерин, населено место во близина на градот во кој живее.
Луис, кој се подготвувал за претстојниот натпревар против Црвена звезда во АБА-лигата, излегол да трча околу 7:00 часот наутро. Но, неговиот вообичаен тренинг, очигледно, предизвикал сомнеж кај некој од локалните жители, кој решил да ја повика полицијата.
Според информациите на порталот „Hercegovina.info“, некој го смешал кошаркарот со мигрант и пријавил дека забележал сомнително лице како трча по новоизградениот тротоар.
Инцидентот брзо стана тема на социјалните мрежи откако страницата „Turnir zaselaka župe Kočerin“ ја сподели приказната на „Инстаграм“, коментирајќи ја случката со доза хумор.
- Во раните утрински часови е забележано лице како трча по новоизграден тротоар, а некој веднаш заклучил дека таквата активност е доволна причина за повик до полицијата – се наведува во објавата.
Администраторите на страницата се пошегуваа дека додека едни го почнуваат денот со утринско кафе, други се подготвуваат за големи кошаркарски предизвици и за натпревар против Црвена звезда.
Инаку, Луис е американски кошаркар роден во Њујорк, во 1993 година. Висок е 196 сантиметри и игра на бековската позиција, а во Широки пристигна од полскиот клуб Зјелона Гора. Во текот на кариерата настапуваше во повеќе земји, меѓу кои Литванија, Полска, Естонија, Русија, Израел, Венецуела, Мексико и Обединетите Арапски Емирати.
Сега, неговиот утрински тренинг стана хит поради бизарната реакција на еден од мештаните.











