среда, октомври 28, 2026
Дома СВЕТ Потресни сведоштва на преживеани во судирот на возовите во Шпанија: Насекаде имаше...

Потресни сведоштва на преживеани во судирот на возовите во Шпанија: Насекаде имаше мртви тела, луѓето врескаа/ВИДЕО

1
EPA/ISMAEL HERRERO

Потресните сведоштва на патниците кои ја преживеаја тешка железничка несреќа во Урда, во шпанската провинција Толедо, опишуваат сцени на ужас: уништени вагони, повредени патници, како и очајни обиди да им се помогне на луѓето заглавени во остатоците од возовите.

„Мамо, не можеме ништо да направиме, луѓе умираат“. Со овие зборови, Адријан ѝ се обратил на својата мајка Марисол, низ солзи, по несреќата во која се судрија два воза. Младиот човек патувал за Севиља со пријатели.

Неговата мајка за емисијата „Espejo Público“ на телевизијата „Antena 3“ изјави дека успеала да стапи во контакт со него откако на патниците им бил даден телефон. Според неа, од силината на ударот патниците биле исфрлени од своите седишта, а некои не можеле ниту да дојдат до вагонот.

„Синот ми беше скршен, целосно вон себе“, рече Марисол, додавајќи дека еден од пријателите на Адријан ја скршил ногата. За време на разговорот, младиот човек ѝ ја пренел својата беспомошност пред сцените на кои бил сведок.

Патници исфрлени од седиштата, вагони целосно уништени

Новинарот на „El País“, Антонио Хименез Абарка, кој се наоѓал во возот на „Renfe“, за радиото „Cadena SER“ изјави дека во моментот на несреќата бил во вагонот-бифе и удрил со главата. Кога излегол, видел дека првиот вагон е целосно уништен. Особено го потресла глетката на човек кој завршил во седиште, исфрлено од возот на околното земјиште.

Друг патник, Хесус, раскажа дека работел кога почувствувал нагло кочење, поради што неколку луѓе биле исфрлени од своите седишта. Потоа, патниците си помагале едни на други да излезат од возот, кој останал навален на шините.

„Ова е апсолутно вонредна ситуација“, рече тој, додавајќи дека пред очи му стои глетката на припадници на Граѓанската гарда како извлекуваат тела, како и еден млад човек кој одел со ампутирана рака.

„Луѓето врескаа, беше ужасно“

Едуарда, патничка во воз на компанијата „Iryo“, за емисијата „Hoy por Hoy“ изјави дека патувала мирно со своите две мачки, кога возот нагло закочил. „Патував мирно, со моите две мали мачиња покрај мене, кога дојде до многу силен удар при кочењето, па бев фрлена нанапред заедно со седиштето“, раскажа таа.

Иако по несреќата помина без повреди и беше пренесена во спортска сала, глетката на која сведочеше остави длабок и траен впечаток кај неа.

„Луѓето плачеа. Насекаде можеа да се видат загинати, под возовите. Многумина не можеа да излезат, се слушаа крици… Беше ужасно“, рече таа.

Таа додаде дека никогаш нема да ги заборави криците на луѓето кои биле во паника, ниту пак глетката што ја видела откако излегла од возот.

„Видов човек – му се гледаа само нозете, а врз него тежеше возот. Видов луѓе со тешки повреди на лицето, видов и загинати“, раскажа вознемирената патничка. „Ударот беше страшен.“

Меѓу патниците во еден од зафатените возови бил и Роберто Гомез, новинар во радиото „Онда Серо“ (Onda Cero) и емисијата „Радиоестадио“ (Radioestadio). Тој го опиша ударот како исклучително силен, а од возот успеал да излезе низ прозорецот. Според него, вагонот од возот „Ирио“ (Iryo) бил уништен и паднал од насипот. Еден патник паднал врз него и се здобил со тешка повреда на главата, додека другите претрпеле силни удари во пределот на градите и ребрата.

Патниците се обидувале да им помогнат на повредените, додека куфери и багаж биле расфрлани низ целиот уништен вагон.

Гомез ја опиша ситуацијата како хаотична и исклучително тешка. Тој исто така наведе дека вагонот бил изгорен, но дека патниците од неговиот дел на возот успеале да излезат.

Според неговото сведочење, возот застанал неколку минути пред да го продолжи патувањето, а до судирот дошло десет до петнаесет минути подоцна.

Градоначалникот на Лос Јебенес, Хесус Перез Мартин, во изјава за радиото „Кадена СЕР“ (Cadena SER), ги пренесе информациите што ги добил од надлежните на местото на несреќата.

„Ова е вистинска трагедија“, рече тој, опишувајќи ги сцените од местото на несреќата како ужасни.

ИЗДВОЕНИ