Вратените пратки со пиперки, кои летово беа одбиени за извоз поради сомнеж за надминати нивоа на пестициди, не се уништуваат автоматски, туку повторно подлежат на законски пропишаната постапка за контрола при увоз. Доколку лабораториските испитувања не потврдат зголемено присуство на пестициди, производите може да бидат пуштени во промет на домашниот пазар или да се упатат на понатамошна преработка. Ова го изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, во разговор за весникот ВЕЧЕР, посочувајќи дека постапката за контрола на вратените пратки е иста како и за секоја друга храна што се увезува во земјава.
Според Миланов, секоја пратка при увоз поминува низ три задолжителни чекори на официјална контрола: документациски, идентификациски и физички преглед. При физичкиот преглед, во зависност од процената на ризикот или согласно со планот за мониторинг на увозните пратки со храна, се одлучува дали ќе се земат официјални мостри за лабораториско испитување.
Кога се земаат мостри, постапката предвидува три примероци: прва, втора и трета мостра за суперанализа. Испитувањата се вршат во три различни лаборатории со акредитирани методи, додека третата мостра служи за, конечно, потврдување на наодот.
– По добивањето негативен наод за зголемено присуство на пестициди, вратената пратка може да се ослободи за промет или за понатамошна преработка – посочува Миланов.
Тоа значи дека самото враќање на производот од странски пазар не подразбира автоматско уништување, но ниту негово безусловно пуштање во продажба. Понатамошниот третман зависи од спроведените контроли, лабораториските резултати и од исполнувањето на законските услови за безбедност на храната.
Директорот на АХВ посочува дека се применува ваквата практика на контрола на храната при увоз од 2010 година, кога бил донесен Законот за безбедност на храната, усогласен со европската легислатива.
Различни правила за пестицидите на странските пазари
Кога станува збор за утврдувањето присуство на пестициди во овошјето и во зеленчукот, Миланов објаснува дека секоја држава спроведува лабораториски испитувања за да ја утврди безбедноста на производите согласно со сопственото законодавство. Со националните прописи се утврдуваат максимално дозволените концентрации на остатоци од пестициди во различните видови овошје и зеленчук.
Тој посочува дека може да се разликуваат законодавствата на одделни држави во однос на дозволените концентрации на остатоци од пестициди во храната, што значи дека производот што ги исполнува условите во една земја не мора автоматски да ги исполнува и барањата на друг пазар.
Поради тоа, производителите и извозниците треба да ги земат предвид и посебните услови што ги пропишува земјата во која ја пласираат храната. Сепак, самото постоење различни стандарди не е доволно за да се заклучи дека одбивањето одредена пратка е резултат на трговска бариера или обид за заштита на домашното производство. За да се утврди причината за одбивањето, неопходно е да се разгледаат конкретните лабораториски наоди и прописите што важат на соодветниот пазар.

За осум месеци уништени речиси 70 тони небезбедна храна
Безбедноста на храната во домашниот промет и при увоз е предмет на континуирани инспекциски контроли на АХВ. Во периодот од јануари до август 2026 година биле спроведени вкупно 74.838 инспекциски контроли, при што бројот ги опфаќа не само контролите на храната во домашниот промет и при увоз туку и надзорот во областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните. Во неа се вклучени и контролите на фармите, како и оние при увоз и транзит на живи животни.
Во тој период биле уништени 69.776 килограми различни видови небезбедна храна од домашниот промет и од увоз. Дополнително, бил забранет увозот на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, додека во земјите на потекло биле вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.
Овие податоци, според АХВ, се дел од активностите за откривање и отстранување на ризиците за здравјето на луѓето. Сепак, вкупниот број инспекциски контроли не се однесува исклучиво на контролите во маркетите и на зелените пазари, туку опфаќа поширок спектар на надлежности на Агенцијата.
Контролите на храната се спроведуваат во различни фази од синџирот на производство и промет, од производствените и преработувачките капацитети до складирањето, транспортот, увозот и продажбата. Инспекторите проверуваат дали се исполнети хигиенските услови, дали се применуваат системите за самоконтрола, дали имаат производите соодветно означување и дали е обезбедена нивната следливост.
Кога постои сомнеж за ризик за здравјето на потрошувачите, се земаат мостри за лабораториско испитување. Ако се утврдат неправилности, Агенцијата може да забрани промет со одредени производи, да нареди повлекување или отповикување небезбедна храна и да изрече законски предвидени санкции.
Од АХВ уверуваат дека се спроведуваат контроли во сите важни фази од синџирот на производство и промет, со цел да се спречи храната што претставува ризик да стигне до потрошувачите. Миланов посочува дека граѓаните треба да имаат доверба во системот на официјални контроли, но нагласува дека не може да постои систем што ќе гарантира апсолутна безбедност во секој случај.
– Ниту еден систем на официјални контроли не може да гарантира апсолутна безбедност. Целта на контролите е да се спречат ризиците, навремено да се откријат и да се сведат на најниско можно ниво, со цел да биде заштитено здравјето на граѓаните – вели директорот на АХВ.
Тој објаснува дека храната што се пласира на домашниот пазар мора да ги исполнува законските барања за безбедност во земјава, додека производите наменети за извоз треба да ги исполнуваат и дополнителните услови на земјата увозник, кога се применливи тие. Согласно со Законот за безбедност на храната, производите што се штетни за здравјето на луѓето не смеат да се продаваат на домашниот пазар, ниту да се извезуваат.
Освен контролите, АХВ издава и сертификати за безбедност на производите наменети за извоз, доколку се исполнети законските услови.
Во однос на кадровските капацитети, Миланов оценува дека секогаш може да се разгледува прашањето дали има доволно инспектори од аспект на потребата од дополнителни ресурси. Сепак, според него, со постојниот број вработени и со соодветно планирање, засега теренот за контрола добро се покрива.
Особен предизвик претставуваат лабораториските испитувања. Агенцијата нема сопствени лаборатории, туку за анализа на земените мостри ги користи услугите на надворешни лаборатории. Тоа значи дека се спроведува лабораториската контрола преку ангажирање лабораториски капацитети надвор од самата институција.

Вакцините против сипаници кај овците и кај козите се обезбедени, се очекуваше нивно доставување
Покрај безбедноста на храната, еден од актуелните предизвици со кои се соочува АХВ е здравствената состојба кај животните, особено појавата на сипаници кај овците и кај козите. Вакцините против оваа болест се обезбедени преку Европската банка за вакцини на Европската комисија, а по одобрување на планот за итна вакцинација, почнал процесот на нивна испорака од Турција.
Миланов вели дека сè уште се очекуваат информации за доставувањето на вакцините во земјава и за спроведувањето на потребните проверки. По завршувањето на постапката, вакцинацијата треба да почне согласно со одобрениот план.
Целта на кампањата е да се постигне и да се одржува што е можно поголем опфат со вакцинација, идеално над 90 проценти од приемчивата популација на овци и на кози на национално ниво. Според податоците за оперативно планирање, националната популација опфаќа 7.195 одгледувалишта со вкупно 460.781 животно, распределени во осумте статистички региони.
Вакцинацијата е планирана во две основни фази, по кои ќе следува и трета – за дополнително опфаќање на животните што не биле вакцинирани во претходните периоди.
Во првата фаза се опфатени Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот Регион, со вкупно 4.071 одгледувалиште и 218.604 животни. Втората фаза ги опфаќа Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот Регион, каде што се планирани 3.124 одгледувалишта со 242.177 животни.
Податоците претставуваат основа за организирање на кампањата и за пресметување на опфатот, но треба да се усогласат со ажурираната евиденција од националниот регистар на животни и одгледувалишта на АХВ.
Третата фаза ќе има цел да се опфатат сите животни што ги исполнуваат условите за вакцинација, а не биле имунизирани во претходните фази. Тоа ги вклучува јагнињата и јарињата што во меѓувреме ја достигнале минималната возраст, животните кај кои била привремено одложена вакцинацијата поради нивната клиничка состојба или ветеринарна процена, како и гравидните животни и оние во постпартален период кај кои била одложена вакцинацијата врз основа на документирана процена на односот меѓу користа и ризикот.
Дополнително, во оваа фаза ќе бидат опфатени и одгледувалиштата што биле недостапни во текот на првичната кампања, одгледувалиштата кај кои била одложена вакцинацијата поради сомневање за инфекција со сипаници кај овците и кај козите, како и животните што дополнително ќе бидат идентификувани преку усогласување на евиденцијата за вакцинација со националната база на податоци.
Кампањата ќе ги опфати клинички здравите овци и кози што ги исполнуваат условите за имунизација. Предвидена е и вакцинација на јагнињата и на јарињата постари од шест недели, согласно со упатството за употреба на конкретната вакцина, како и на животните кај кои не постојат ограничувања или контраиндикации за вакцинација.
Нелегалната продажба и следливоста остануваат меѓу најголемите предизвици
Во однос на општата состојба со безбедноста на храната, од АХВ посочуваат дека континуирано се спроведуваат контролите, но дека и понатаму постојат предизвици поврзани со нелегалната продажба, следливоста на производите и со контролата на увозот.
За надминување на овие проблеми, Агенцијата ги засилува инспекциските контроли, спроведува лабораториски испитувања и презема мерки за повлекување и за уништување на небезбедната храна. Еден од најавените приоритети е заострување на казнената политика преку законски измени со кои би се зголемиле глобите за прекршителите.
– Нашата цел е превентивно да делуваме, да реагираме навремено и доследно и да обезбедиме поголема транспарентност, бидејќи заштитата на здравјето на граѓаните и безбедноста на храната се наш приоритет – посочува Миланов.
Според него, континуираниот надзор и навременото преземање мерки се клучни за спречување на ризиците и за заштита на потрошувачите.
Мониторинг на бруцелозата, туберкулозата и на африканската чума
Во областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните, покрај актуелната состојба со сипаниците кај овците и кај козите, во земјава се спроведуваат и активности за мониторинг на бруцелозата кај овците и кај козите, бруцелозата кај говедата и туберкулозата кај говедата.
Епидемиолошката состојба со африканската чума кај домашните свињи, според информациите на АХВ, е стабилна и нема потврдени случаи на болеста. Сепак, со почетокот на ловната сезона се очекува да се зголеми бројот на земени примероци од диви свињи, со цел да се добијат порелевантни информации за состојбата на терен и да се овозможи навремено откривање на евентуално присуство на болеста.
Дополнително, во земјава е завршена кампањата за орална вакцинација на лисиците против беснило, спроведена со авионско фрлање вакцинални мамки. Во тек се активности за утврдување на успешноста на вакцинацијата и за зајакнување на пасивниот надзор.
До крајот на годинава, согласно со годишната наредба за здравствена заштита на животните, треба да продолжат и активностите за надзор на авијарната инфлуенца и њукастелската болест кај живината, како и надзорот на болестите кај аквакултурата.
Контролата на безбедноста на храната и следењето на здравствената состојба кај животните остануваат меѓу главните задачи на АХВ, при што најголем предизвик е навремено да се откриваат ризиците, а мерките да се спроведуваат доследно, од увозот и производството до конечниот пласман на производите на пазарот.
(А. С.)












