Годинава, на 6 октомври, семејството Павлоски прослави троен јубилеј: дедото Киро наполни 70, таткото Филип 42, а најмладиот Кристофер 8 години. Тоа е фамилија во која три генерации по машка линија го делат истиот роденден бидејќи се родени на истиот датум. Оваа необична приказна ја пренесоа и британските медиуми како еден редок медицински и статистички феномен, а за весникот ВЕЧЕР зборува токму таткото, Филип Павлоски. Како што додава тој, постои уште нешто што ја прави нивната приказна навистина неверојатна. – Не само што сите тројца сме родени на 6 октомври, туку сите тројца сме родени во сабота, и тоа меѓу 8 и 9 часот наутро! Три генерации, ист датум, ист ден во неделата, па дури и речиси исто време на раѓање. Е, сега, кажете ми вие, колкави се шансите за такво нешто? Сè уште не ми е јасно зошто не нè примија во Гинисовата книга на рекорди, вели Филип
Шансите се еден на 48 милиони, но за семејството Павлоски, чудата се реалност. Семејството Павлоски, кое дел живее во Ливерпул, Англија, а дел во Македонија, се издвојува со ретка коинциденција бидејќи дедото Киро, таткото Филип и синот Кристофер се родени на истиот датум. Кога на 6 октомври пред осум години се родил малиот Кристофер, тој не донел само бескрајна радост туку го заокружил и неверојатниот феномен во својата фамилија – три генерации по машка линија да го делат истиот роденден. Годинава, на 6 октомври, овој редок спој на судбината донесе, пак, троен јубилеј: дедото Киро наполни 70, таткото Филип 42, а најмладиот Кристофер 8 години. Затоа деновиве (24 – 27 октомври), физиотерапевтот Филип, со сопругата и двата сина, кој веќе една декада живее во Ливерпул, доаѓа во Прилеп, за да го прослави заедничкиот роденден заедно со својот татко Киро, на една од најголемите и најемотивни прослави на семејството досега. За оваа неверојатна приказна, која ја пренесоа и британските медиуми како еден редок медицински и статистички феномен, во весникот ВЕЧЕР зборува и Филип Павлоски. Меѓу другото, раскажува и за неговиот живот во Англија, но и за носталгијата по Македонија.
Нештата за кои тешко се наоѓаат зборови

Прашан за чувството како е да се биде роден на ист датум со својот татко и син, вели дека е едно од оние нешта во животот за кои тешко се наоѓаат зборови.
– Според еден од најпознатите локални весници во Ливерпул, „Ехо“, шансите три генерации да бидат родени на ист датум се 1 на 48 милиони. Подоцна и Би-би-си објави статија за нас, каде што беше наведена поинаква пресметка, односно 1 на 133.000. Дури аплициравме и за Гинисовата книга на рекорди, но ни објаснија дека за таков рекорд се потребни четири генерации.
На шега им реков: „Е, па сега, нема да чекам уште 25 години за да станам дедо и да видиме дали ќе имаме уште еден роден на 6 октомври!“ Но, шегата настрана.
Најголемата среќа за нас беше раѓањето на нашиот син. Со сопругата ни требаше доста долго време за да добиеме дете, така што тоа беше вистински благослов од Господ. Пред сè, бевме пресреќни што добивме живо и здраво детенце, вели Филип Павлоски.
Додава дека тогаш не можеле да поверуваат дека неговиот син се родил на неговиот и на роденденот на неговиот татко.
– Се сеќавам дека додека бевме во болницата, им го кажав тоа на медицинските сестри. Една од сестрите ме погледна зачудено и ми рече: „Па, ова е вистинско чудо! Работам 35 години во болница, илјадници деца се родиле тука, но вакво нешто никогаш не сум видела!“ Потоа ми рече веднаш да се јавам во весник.
По два-три дена, кога почнавме да сфаќаме што, всушност, ни се случило, решив да се јавам во „Ехо“. За помалку од два часа веќе беа кај нас дома и ни правеа интервју. Дури тогаш почнав да сфаќам колку е навистина необично сето ова. А за чувството да станеш татко – тоа е едно од најубавите што човек може да ги доживее. Тоа искрено би му го посакал на секој што сака да има деца. А да го добиеш првото дете токму на твојот роденден, и тоа на истиот датум кога е роден и твојот татко, е нешто што, едноставно, не можам да го опишам. И денес, кога ќе застанам и ќе размислам за тоа, си велам: „Па, добро, дали е ова навистина можно?“ Не знам дали е судбина, случајност или нешто повеќе. Но, за мене тоа е еден од најголемите благослови и најубавиот роденденски подарок што некогаш сум го добил – мојот син“, вели Филип.
Физиотерапевт во Англија
Нашиот сонародник Филип веќе 11-12 години живее во Англија, а работи во болница како физиотерапевт. Како и многу Македонци, заминал од нашата земја од економски причини и за подобар живот. Со сопругата Цветомира, која е Бугарка, се запознал за време на студиите по медицина во Бургас, Бугарија, каде што завршил и магистерски за физиотерапевт. По студиите, работел во Скопје, а подоцна отворил и своја приватна клиника за физиотерапија во Прилеп. Иако бизнисот не му одел лошо, заработката не била доволно голема. Со одличното познавање на англискиот јазик, бидејќи кратко живеел и во Америка, и со бројните стручни курсеви и практика во познатото лекувалиште во Игало (каде што своевремено се лекувал и Тито), тој отишол директно кај тогашниот директор на болницата во Прилеп. Неговата цел била да се вработи во државната клиника во Прилеп за да го примени своето знаење, да придонесе во здравството, но и истовремено да учи и да црпи искуство од постарите колеги физиотерапевти.
– Одговорот беше: Момче, ти си магистер, ние тука вработуваме со средно. Заврши средно вонредно и за физиотерапевт ќе те вработиме. И јас останав без зборови, раскажува Филип. Додава и дека сопругата, иако имала диплома по туризам и богато работно искуство со водење туристички тури низ целиот Балкан (Македонија, Бугарија, Србија, Албанија), била одбиена за работа во локалната туристичка агенција, и на тоа место бил вработен неадекватен кадар.
Како што ни раскажа, како млад човек, во тоа време сфатил дека политиката во Македонија се меша насекаде, и затоа во 2015 година одлучил да ја напушти својата родна грутка.
Прашан дали ја следи политичката ситуација во Македонија, релациите со Бугарија и дали дома со сопругата коментираат по ова прашање, вели дека е револтиран за она што ѝ се случува на Македонија од страна на Бугарија.
– Јас можам да кажам нешто, а и од сопругата добивам поддршка. Секој си го зборува дома својот јазик. Таа има огромна почит кон нас, кон Македонците, кон мајка ми, татко ми, и јас нормално кон нејзините. Но многу не дискутираме по ова прашање, вели Филип.
Каменот си тежи на местото…

Истакнува и дека колку и да му е убав животот во Англија каде има стабилно работно место и каде колегите го ценат, иако е единствен странец во неговиот тим, Македонија секогаш ќе остане негов дом.
– Во Англија чувствувам дека моето знаење, искуство и труд се ценат, а тоа е огромна разлика во споредба со она што го доживеав пред да заминам од Македонија. Но како што вели нашата стара поговорка, „Каменот си тежи на местото“. Имам носталгија, особено за семејството, пријателите и местата каде што сум пораснал. Интересно е што мојата сопруга, иако е Бугарка, понекогаш има поголема желба од мене да се вратиме во Македонија. Таа е буквално вљубена во Охрид и отсекогаш зборува дека еден ден би сакала таму да живееме. Охрид е бисер на Балканот. Прекрасно место, не само за одмор, туку и за живот. Пред неколку години многу посериозно размислувавме да се вратиме. Имаше периоди кога јас сакав, а сопругата се двоумеше, па потоа таа сакаше, а јас не бев сигурен. Така некако се менуваа работите со текот на времето, посочува тој.
Вели дека желбата за враќање во Македонија секогаш постои, но тоа би било возможно откако децата ќе завршат средно училиште или ќе заминат на факултет.
„Но едно е сигурно – колку и години да поминат, Македонија секогаш ќе има посебно место во моето срце“.
Како и повеќето наши сонародници кои живеат во странство, и Филип со семејството ја посетува Македонија еднаш до двапати годишно. Или тие доаѓаат во Македонија, или родителите на Филип, Киро и Мариче, одат во Англија.
Прашан како неговиот татко Киро го доживува овој феномен со истиот датум на роденден, Филип вели дека и тој, како и сите, е многу емотивен по ова прашање.
– Кристофер беше неговото прво внуче и самото негово раѓање беше огромна радост за целото семејство. А тоа што се роди токму на неговиот роденден, кој воедно е и мој роденден, беше нешто навистина посебно. Тој е како и секој друг дедо. Си ги сака внуците, им се радува и секој момент поминат со нив му значи многу. Кога сме заедно, се трудиме максимално да го искористиме времето. Се смееме, разговараме, се дружиме. Ние сме семејство во кое не се срамиме да си кажеме „те сакам“. Тоа го правиме многу често бидејќи сметам дека е важно луѓето што ги сакаме да го знаат тоа додека се тука, додека можеме да се прегрнеме и да поминуваме време заедно, вели Филип.
Истакнува дека откако станал татко, сфатил што значи да бидеш родител и колку родителите се важни во животот. Но и откако живее далеку од родителите и од луѓето што ги сака, многу повеќе го цени времето поминато со нив.
– Можеби кога живееш блиску до нив, не размислуваш толку за тоа. Знаеш дека можеш да ги видиш утре, задутре или следната недела. Но, кога живееш во друга држава и знаеш дека имаш само пет или десет дена заедно, тогаш секој момент добива поинакво значење. Се трудам максимално да го искористам времето со моите родители бидејќи знам дека токму тие моменти еден ден најмногу ќе ми недостигаат, раскажува Филип.
Роденденска прослава што ќе се памети

Додава и дека во неговото семејство има уште еден интересен детаљ. – Помалиот син, братот на Кристофер, Христијан, е роден на 24 декември, токму на Бадник, според западниот календар. Така што, на некој начин, и тој ни донесе една посебна божиќна магија во семејството. Особено затоа што од страната на сопругата го славиме Божиќ на 25 декември, а од моја страна на 7 јануари, вели Филип.
Вредниот и амбициозен прилепчанец пишува и книги и досега има издадено пет-шест изданија за деца и за возрасни. Една од најновите му е „Why We Have Two Christmases Every Year“, детска книга инспирирана од тоа како неговото семејство слави два Божиќа, на 25 декември и на 7 јануари.
Открива и дека кога деновиве ќе дојдат во Македонија ќе организираат три роденденски прослави, една за помалиот син, Христијан, друга за постариот, Кристофер, а потоа и тројниот заеднички роденден.
– Оваа година е посебна, бидејќи татко ми го слави својот 70. роденден. Ќе биде весело, со многу торти, смеа и убави моменти. На крајот, најважно ми е сите да бидеме заедно, здрави, среќни и весели, вели Филип.
Додава и дека постои уште нешто што ја прави нивната приказна навистина неверојатна.
– Не само што сите тројца сме родени на 6 октомври туку сите тројца сме родени во сабота, и тоа меѓу 8 и 9 часот наутро! Три генерации, ист датум, ист ден во неделата, па дури и речиси исто време на раѓање. Е, сега, кажете ми вие, колкави се шансите за такво нешто? Сè уште не ми е јасно зошто не нè примија во Гинисовата книга на рекорди, се шегува Филип. (Н. И. Т.)










![[Интервју] Нина Елзесер: Наивната искрена љубов кон ликовите во минатото ме направи она што сум денеска](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/10/dsc_3380-100x70.jpg)

