среда, октомври 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Посвоените да можат да го дознаат потеклото, ЗНАМ предлага законски измени

Посвоените да можат да го дознаат потеклото, ЗНАМ предлага законски измени

0

Посвоените лица да добијат законска можност да дознаат од кого потекнуваат, но без целосно укинување на тајноста на посвојувањето. Ова е суштината на предлогот за изменување и дополнување на членот 123-а од Законот за семејството што го поднесе пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Со него се предлага да се утврдат условите и околностите под кои посвоените лица би можеле да добијат информации за своето биолошко потекло, преку законски утврдена постапка и со одлука на стручна комисија.

Од ЗНАМ велат дека сегашното законско решение не овозможува индивидуална процена на случаите, дури ни кога бараните информации се од суштинско значење за здравјето на посвоеното лице. Затоа, како основа за измените ја посочуваат и пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во предметот „Митревска против Македонија“, со која во 2024 година беше утврдена повреда на правото на почитување на приватниот и семејниот живот.

„Со децении, тајноста на посвојувањето претставува пречка за пристап до сите информации, дури и кога се од суштинско значење за здравјето на посвоеникот. Постојниот закон не предвидува никаков механизам за индивидуална процена, ниту, пак, можност институциите да ги разгледаат специфичните околности на секој случај“, изјавија од ЗНАМ на прес-конференцијата.

Пратеничката група нагласува дека не предлагаат целосно укинување на тајноста, ниту неограничен пристап до сите податоци за посвојувањето. Според нивниот предлог, тајноста би останала правило, а пристапот до информации би бил можен само во законски утврдена постапка, во која стручна комисија ќе ги разгледува околностите на секој поединечен случај и ќе ги зема предвид правата на сите засегнати.

„Нашата држава има обврска да постапи по пресудата на Стразбур и да ги почитува европските стандарди и заштитата на човековите права гарантирани со Конвенцијата“, велат од ЗНАМ, повикувајќи на широка јавна и стручна расправа за предложените измени. Од партијата појаснуваат дека доставениот текст не е конечен законски предлог, туку основа за дебата во која треба да учествуваат експерти, граѓански организации, академската заедница, надлежните институции и граѓаните.

Зад измените, меѓу другото, стои и животната приказна на Мирјана Митревска од Скопје, која со години се обидувала да добие информации за своето биолошко потекло, вклучително и за здравствената историја на биолошките родители. Нејзиното барање било поврзано и со сопствената здравствена состојба, поради која сакала да дознае дали постојат наследни заболувања во биолошкото семејство. Институциите го одбиле пристапот до бараните податоци, повикувајќи се на членот 123-а од Законот за семејството, според кој, податоците за заснованите посвојувања се службена тајна. По неуспешните обиди пред домашните институции и судови, Митревска се обратила до Европскиот суд за човекови права. На 14 мај 2024 година, Стразбур утврди повреда на членот 8 од Европската конвенција за човекови права, кој го гарантира правото на почитување на приватниот и семејниот живот. Судот оцени дека во нејзиниот случај не било направено соодветно балансирање меѓу интересот на посвоеното лице да добие информации за своето потекло и интересите на биолошките родители во однос на откривањето на нивниот идентитет.

Сегашниот член 123-а гласи: „Податоците за заснованите посвојувања се службена тајна“. Прашањето што треба да го реши законодавецот е дали оваа заштита треба да остане апсолутна или законот треба да предвиди исклучоци во кои посвоеното лице ќе може да добие одредени информации за своето потекло.

Во таквото уредување треба да се разгледаат повеќе околности: потребата од медицински податоци, интересот на посвоеното лице да го дознае сопствениот идентитет, приватноста на биолошките родители и заштитата на семејните односи создадени со посвојувањето. Токму поради тоа, ЗНАМ повикува на јавна расправа за да се утврди како да се уреди пристапот до информациите од досиејата на посвоените деца. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ