Мартин Вучиќ, кој долги години беше на врвот од македонската естрада, а беше и македонскиот претставник на Песна на Евровизија, денес е речиси сосема повлечен од сите тие комерцијални сценски случувања. Премногу ретко се појавува, додека приватниот живот го крие од секој љубопитник. Сепак, ова лето направи исклучок, па пред некој ден објави летна фотографија на која кратко напиша „Витамин SEA“ (морски витамин). Воедно, спомена дека на овој начин симболично се збогува од долгото топло лето, кое и за него беше речиси неподносливо поради екстремно високите температури.
Не открива каде одмора со сопругата, но многумина претпоставуваат дека е тоа некаде во Грција, во која порано често одмораше со своите родители, Драган и Весна. Тоа само по себе зборува дека Мартин потекнува од добро познато музичко семејство. Син е на прерано починатиот (за жал) музичар, композитор и телевизиски водител, Драган Вучиќ, како и на Весна Вучиќ, позната спикерка и ќерка на легендарниот гајдаџија Пеце Атанасовски.
Од страната на татко му, дедо му беше Милорад Миле Вучиќ, хармоникаш и еден од првите инструменталисти во „Танец“. Татко му, Драган Вучиќ, беше едно од најомилените лица на македонската музичка и телевизиска сцена. Автор е на голем број хит-песни, членуваше во групата „Гравче-тавче“ со Смиља Митревска. Почина во мај 2020 година, на 65-годишна возраст, од тешки последици на корона-вирусот.
Нивната семејна музичка приказна ја продолжи Мартин. Тој е, воедно, академски музичар и перкусионист. Сега е дел од оркестарот на Македонската филхармонија, а во 2018 година беше назначен за директор на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“. На оваа функција остана шест години. По свое лично барање, потоа даде оставка на местото директор и се врати на своето матично работно место во Филхармонијата.
Уште како дете ја има засакано македонската народна музика. Дедо му, Пеце Атанасовски, му направил првото тапанче. Оттогаш тој не се одвојуваше од својот сакан дедо, Пеце, а со тоа музиката му станува составен дел од животот. Сè друго е историја. (Д. М.)












