понеделник, август 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Обвинителството подготви 231 материјални и 7 вербални докази против Груби и останатите,...

Обвинителството подготви 231 материјални и 7 вербални докази против Груби и останатите, одбраната ќе врши увид во нив

1

Вкупно 231 материјални и седум вербални докази најави Јавното обвинителство на почетокот на денешното судење на поранешниот вицепремиер Артан Груби и седум други лица за случајот „Државна лотарија“. За увид во нив одбраната на Груби и на другите лица доби период од една недела по што ќе продолжат судските рочишта. Тие ќе се оддржуваат со забрзано темпо – по две рочишта неделно. Ова е епилогот по денешниот старт на судскиот процес кој предизвика големо внимание во јавноста и кое по денешното одложување ќе продолжи во септември.

Поранешниот вицепремиер во судницата беше донесен далеку од објективите на камерите на бројните репортерски екипи, преку подземната гаража на судот откако беше довезен со полициско возило. Освен Груби, во случајот се обвинети и Перпарим Бајрами, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамаданоски, Александар Димитриоски и Башким Авди. Првообвинетиот Бајрами, е се уште во бегство и не беше присутен во судницата.

На отворањето на судскиот процес кој го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски, застапниците на Јавното обцинителство Даниел Коцев и Александар Давчевски најавија дека нема да биде потребно долго време за изведување на материјалните докази. Тие за секој од обвинетите во судница донесоа по една бела картонска кутија полна со докази собрани во истрагата.

Копиите од доказниот материјал се сместена во осумте картонски кутии од кои по една на излегување од судница си зедоа обвинетите, односно адвокатите. Бранители на Груби се Гоце Ристевски и Владимир Доневски, а ако адвокат на Државна лотарија е наведен Бојан Стоевски.

Судењето ќе продолжи на седми септември во 12 часот. Закажани се и термините за нови рочишта – на 11, 16, 18, 23, 25 и 30 септември, па на први, втори, осми, деветти, 15, 16, 20 и 21. октомври.

Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август поднесе обвинение против осумте лица како соизвршители на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година тие заеднички презеле дејства со кои ги пречекориле своите овластувања и должности, со намера да ѝ нанесат штета на „Државна лотарија“. Штетата е проценета на 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра.

За делото што им се става на товар е предвидена затворска казна до пет години.

Првообвинет е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот. Обвинителството побарало да му биде определен 30-дневен притвор, кој ќе се применува од денот на неговото пронаоѓање.

Второобвинетиот Артан Груби се наоѓа во куќен притвор, кој му е продолжен до 13 септември. Нему му е одземена патната исправа, а изречена му е и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.

Груби, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, во февруари годинава се врати во земјава и беше приведен на граничниот премин Блаце. По распитот, притворот што претходно му беше определен во отсуство беше заменет со куќен притвор поради безбедносни причини. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ