Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почна судењето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица за наводните злоупотреби во АД „Државна лотарија“.
Предметот преку автоматска распределба ѝ е доделен на судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.


Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август поднесе обвинение против осумте лица како соизвршители на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година тие заеднички презеле дејства со кои ги пречекориле своите овластувања и должности, со намера да ѝ нанесат штета на „Државна лотарија“. Штетата е проценета на 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра.

За делото што им се става на товар е предвидена затворска казна до пет години.
Првообвинет е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот. Обвинителството побарало да му биде определен 30-дневен притвор, кој ќе се применува од денот на неговото пронаоѓање.
Второобвинетиот Артан Груби се наоѓа во куќен притвор, кој му е продолжен до 13 септември. Нему му е одземена патната исправа, а изречена му е и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
ОБВИНЕНИЕ ЗА ГРУБИ, БАЈРАМИ И УШТЕ ШЕСТ ЛИЦА ЗА ШТЕТА ОД 8,2 МИЛИОНИ ЕВРА
Груби, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, во февруари годинава се врати во земјава и беше приведен на граничниот премин Блаце. По распитот, притворот што претходно му беше определен во отсуство беше заменет со куќен притвор поради безбедносни причини.
ПО ПОДНЕСЕНОТО ОБВИНЕНИЕ: Судењето на Артан Груби и на други лица почнува на 24 август












