Вардар и понатаму ја носи најголемата количина загадување од населените места низ кои минува. Според извештајот на ИЈЗ физичко-хемиските и микробиолошките анализи на водите на Вардар укажуваат на незадоволителен квалитет на водата, а причините се добро познати: непречистени комунални и индустриски отпадни води, како и континуирано органско загадување. Надеж за подобрување на состојбата е пречистителната станица кај Трубарево, чија изградба е во тек. Досега се реализирани речиси 40 проценти од работите и со нејзиното ставање во функција во 2030 година треба да му се стави крај на директното испуштање отпадни води во Вардар
И покрај бројните најави за почиста животна средина и за изградба на пречистителни станици, најновиот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата, квалитетот и безбедноста на површинските води издаден во 2025 година, покажува дека најголемата македонска река, Вардар, и понатаму останува сериозно загадена.
Анализите на Институтот што се направени на две мерни места – кај Трубарево, веднаш откако ќе помине реката низ Скопје, и кај Гевгелија, непосредно пред да ја напушти државата, се однесуваат за 2024 година, но со оглед на тоа што ништо не е преземено за подобрување на состојбата во 2025 година, реалната слика, можеби, е многу полоша.
Резултатите од анализата на ИЈЗ покажуваат дека не е добра состојбата и дека за повеќе параметри водата е оценета со трета, четврта, па дури и со петта класа, што според класификацијата значи силно загадување. Еден од главните показатели што ја влошуваат оцената е високата потрошувачка на калиум перманганат (KMnO₄), параметар што покажува колку органски материи има во водата. Со други зборови, во Вардар завршуваат големи количини отпад што се распаѓа – од непречистени канализациски води, комунален отпад, индустриски испусти, како и други органски материи. Колку е поголема оваа вредност, толку е поголемо загадувањето.
Според извештајот, на дел од мерните места се регистрирани и зголемени концентрации на нитрити. Тоа најчесто е знак дека постојано се влеваат во реката отпадни води или земјоделски загадувачи. Нитритите не се опасни само за водниот екосистем туку може да претставуваат и ризик доколку се користи водата за други намени, без соодветен третман.
Особено загрижува микробиолошката анализа. Испитувањата покажуваат присуство на високи концентрации на вкупни колиформни бактерии, ешерихија коли (E. coli) и цревни ентерококи. Овие микроорганизми се сметаат за сигурен показател дека навлегуваат фекални, односно канализациски води во реката.
Народски кажано, резултатите покажуваат дека во Вардар, на повеќе места, завршува непречистена канализација. Наместо отпадните води прво да поминат низ пречистителни станици, дел од нив директно се испуштаат во реката, а тоа остава сериозни последици врз квалитетот на водата. Тоа не е проблем само за рибите и за другите живи организми што живеат во реката. Загадената вода влијае и врз земјоделството, бидејќи во одредени региони водата од Вардар се користи за наводнување. Дополнително, загадувањето се пренесува по целиот тек на реката, па последиците ги чувствуваат сите населени места низ кои поминува таа.
Експертите одамна предупредуваат дека најголемиот товар врз Вардар доаѓа од урбаните средини, особено по текот низ Скопје. Во реката се слеваат отпадни води од домаќинствата, индустриските капацитети и атмосферската канализација, а во голем дел од државата сè уште нема доволно функционални системи за нивно пречистување.
Од еколошките организации со години предупредуваат дека загадувањето на Вардар не е само еколошки туку и здравствен проблем. Присуството на фекални бактерии покажува дека не може да се смета реката за безбедна за рекреативни активности, а уште помалку за каква било употреба без претходен третман.
Скопје го гради својот најголем еколошки штит
Најновиот извештај на Институтот за јавно здравје е уште едно потсетување дека Вардар останува река што секојдневно ја плаќа цената на човечката негрижа. Најголемата македонска река сè уште носи товар од канализацијата, индустрискиот отпад и од органското загадување. Додека не се изградат и стават во функција ефикасни системи за пречистување на отпадните води и не се засили контролата врз загадувачите, анализите, најверојатно, ќе продолжат да ја даваат истата слика: Вардар останува река што тешко се справува со загадувањето што секојдневно го прима.

Квалитетот на водата во Вардар значително ќе се подобри откако ќе почне со работа пречистителната станица за отпадни води што се гради со засилена динамика кај Трубарево. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека досега се реализирани речиси 40 проценти од предвидените градежни активности на овој проект од клучно значење за заштитата на животната средина и на реката Вардар. Според него, пречистителната станица претставува најголем еколошки зафат во Македонија и ќе овозможи, конечно, да престане директното испуштање непречистени отпадни води во Вардар. Проектот опфаќа изградба на околу 60 објекти и се смета за еден од најкомплексните инфраструктурни проекти што се реализираат во земјава.
– Пречистителната станица е нашиот најголем еколошки штит и проект од историско значење за Скопје. Со нејзината изградба, ќе му ставиме крај на долгогодишното загадување на Вардар со непречистени отпадни води и ќе создадеме поздрава и побезбедна животна средина за сегашните и за идните генерации – изјави Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека на почетокот од реализацијата проектот се соочил со повеќе административни и имотноправни пречки, меѓу кои незавршени административни процедури, неусвоени детални урбанистички планови, нерешена експропријација на земјиштето и задоцнето плаќање кон изведувачот. По нивното надминување, како што рече, изградбата продолжила според предвидената динамика.
Согласно со договорот меѓу ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и изведувачот, градежните работи треба да завршат во првата половина на 2028 година. Потоа е предвиден двегодишен период на тестирање и пробна работа на системот, по што станицата би требало целосно да биде ставена во функција во првата половина на 2030 година.
(С. Бл.)












