Популарниот пејач, ветеранот на македонската поп-сцена, Мики Јовановски-Џафер, кој важи и за еден од оние, ретките на кои жените му се воодушевуваат, го прослави својот 75. роденден. Жива вистина е дека никој не би му дал толку години, а и самиот што се вели, не се чувствува стар. Може да има чувство само за суперстар, што би значело, во превод од англиски, дека и понатаму е голема македонска музичка ѕвезда.

Пред сè, затоа што песната што ја пее, „Сонце за три светови“, стана евергин, па логично на тоа, уште се пее. Неговиот ФБ-профил е преполн со роденденски честитки и срдечни пораки. На сите што му посакаа здравје и долг живот, Џафер емотивно им возврати:

– Животот се вреднува според тоа како те сакаат и почитуваат луѓето. Веројатно, смислата на живеењето е во возвраќање љубов и внимание кон личноста што те спомнува за арно, па и се гледа себеси со иста добрина во твојата личност. Секој човек, секое лице е вселена. И вие, што го читате ова. Ви благодарам секому поединечно.

Инаку, во 2024 година, Џафер прослави јубилеј, 50 години музичка кариера, со неколку концерти низ Македонија. Култната балада „Сонце за три светови“, беше прогласена за најголем хит на 1990-тите и со право влезе во историјата на македонската поп-музика. Со оваа песна, тој настапи на „Макфест“ во 1993 година, кога освои награда за најдобар текст. Токму Џафер го напишал тој текст, а доби и награда за најдобра интерпретација, во остра конкуренција.   (Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ