Изгаснат е пожарот во викенд-населбата Кумлак над градот Штип, во кој беше повреден сопственик на викенд-куќа спасувајќи си го својот објект од огнените јазици. Пожарникарот од ТППЕ-Штип, Александар Георгиевски, кој учествувал во гаснењето на пожарот и во спасувањето на сопственикот на викенд-куќата, вели дека повредниот е со изгореници по екстремитетите и има вдишано чад. Забележува дека имале среќа што е спасен човечки живот. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, го посетија повредниот човек во штипската болница. Ангелов повторно апелираше сопствениците на викенд-куќи и населението во руралните подрачја превентивно да изораат околу нивните објекти, за да се спречи ширење на огнот

Изгаснат е пожарот во викенд-населбата Кумлак над градот Штип, во кој беше повреден сопственик на викенд-куќа спасувајќи си го својот објект од огнените јазици.
Пожарникарот од ТППЕ-Штип, Александар Георгиевски, кој учествувал во гаснењето на пожарот и во спасувањето на сопственикот на викенд-куќата, вели дека повредниот е со изгореници по екстремитетите и има вдишано чад. Забележува дека имале среќа што е спасен човечки живот.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, го посетија повредниот човек во штипската болница.
– Еден од сведоците е и повреденото лице. Пожарот избил во близина на неговата викендичка, нагло се проширил со силен оган. Теренот е стрмен лош, има многу сува висока трева, вегетација, трње, грмушки и е тежок за движење. Ветрот, кој што постојано дуваше, ја влошуваше ситуацијата. Но, благодарение на одличниот менаџмент на градоначалникот на Штип, во средата и во четвртокот пожарот беше брзо изгаснат – изјави Ангелов.
Тој додаде дека во гаснењето на пожарот учествувал и „ер трактор“ од воздух, кој имал три исфрлања на вода од воздух.
Ангелов информираше дека од сервис биле пристигнати и два „ер трактори“, со што, во моментов, нашата држава има три оперативни ер трактори и четири пилоти.
Директорот на ДЗС, Ангелов, повторно апелираше сопствениците на викенд-куќи и населението во руралните подрачја превентивно да изораат околу нивните објекти, за да се спречи ширење на огнот.
Во гаснењето на пожарот во викенд-населбата Кумлак во Штип учествувале пожарникари од ТППЕ-Штип, доброволци од Доброволното противпожарно друштво – Штип, механизација на јавните претпријатија и месното население.
Инаку, во оваа викенд-населба има околу 15 објекти и триесетина лозови и овошни насади.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека пожарот повторно бил активиран вчера, во попладневните часови. На бројот 112 повторно бил пријавен пожар на отворено во близина на локацијата Кадидере во Штип.
Притоа, посочуваат дека ТППЕ Штип првично интервенирала со екипа од три пожарникари и едно противпожарно возило, а поради влошување на состојбата, на терен биле ангажирани вкупно 20 пожарникари и четири противпожарни возила. Во гаснењето се вклучила и ДПД Штип со четири возила и 12 членови.
Според информациите од ЦУК, од пожарот биле зафатени сува трева и грмушки, а поради силниот ветер тој брзо се ширел на тешко пристапен терен. Од пожарот биле зафатени и неколку викендички. Поради влошување на состојбата, покрај екипите на ТППЕ Штип и ДПД Штип, биле повикани и екипи од околните територијални противпожарни единици во регионот. Активиран бил и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, а преку Општина Штип била побарана дополнителна помош од соседните општини.
Приведено лице кое било затекнато како потпалува сува трева во Штипско
Полициски службеници од СВР Штип вчера привеле 25-годишен жител на селото Долни Балван, кој бил затекнат како потпалува сува трева покрај магистрален пат Штип – Кочани во атар на село Долни.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, вчера, во 12:30 часот, во село Долни Балван, Штипско, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Б. С. (25) од Штип.
– Тој бил затекнат околу 12:00 часот како пали сува трева помеѓу пат и нива, сопственост на С. З. (36) од Штип, покрај магистрален пат Штип – Кочани во атарот на селото Долни. Притоа, била опожарена сува трева и една бала детелина во сопственост на С. З. – се наведува во соопштението.
Од МВР нагласуваат дека е известен јавен обвинител и, по целосно документирање расчистување и документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.












