петок, август 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА 43 случаи на западнонилска треска, вирусот потврден и кај мртов гавран во...

43 случаи на западнонилска треска, вирусот потврден и кај мртов гавран во Скопје

0

Во Македонија досега се регистрирани 43 случаи на западнонилска треска, информираше министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција.

Клековски соопшти и дека во Скопје е потврден вирусот кај мртов гавран, што е прв досега регистриран случај на птица позитивна на западнонилска треска во земјава.

„Комарците не познаваат општински граници, тие се движат од еден до два километри. Во Сопиште нема ризик, но има комарци. Во Чучер Сандево исто така. Во моментов работиме со 34 ризични подрачја, од кои 13 се високо ризични“, изјави Клековски.

Тој посочи дека ризикот не е ист насекаде. Проточните реки во кои има риби претставуваат помал ризик, бидејќи рибите се хранат со ларвите од комарци.

Многу поголем ризик, според министерот, претставуваат застоените води, особено местата каде што има наталожен отпад, бидејќи создаваат погодни услови за размножување на комарците.

Клековски им се заблагодари на граѓаните за пријавувањето на мртви птици. Тој објасни дека мртвите птици ги собира Агенцијата за храна и ветеринарство, по што се врши тестирање, што овозможува дополнително лоцирање на подрачјата со ризик од западнонилска треска.

„Мртвите птици се собираат од АХВ и тоа помага да се прави натамошното лоцирање на ризикот од западнонилска треска“, рече Клековски.

ИЗДВОЕНИ