Новото задолжување на државата во износ од 260 милиони евра отвори жестока политичка и економска дебата во Собранието, при што дел од пратениците предупредија за значително зголемување на долгорочните трошоци за јавните финансии. Според пратеникот Фатмир Битиќи, товарот од ова задолжување нема да се ограничи само на главницата туку ќе генерира и дополнителни десетици милиони евра само по основ на камати. Тој појасни дека, врз основа на актуелниот шестмесечен еурибор од 2,562 отсто и договорената маржа од 2,10 процентни поени, ефективната каматна стапка на заемот би изнесувала околу 4,66 отсто годишно. Во вакви услови, како што вели Битиќи, државата би платила меѓу 58 и 64 милиони евра само за камати, додека со еднократните и дополнителните трошоци вкупниот финансиски товар би се зголемил на околу 61 до 67 милиони евра.
– Во зависност од динамиката на отплатата и дополнителните банкарски надоместоци, реалниот вкупен трошок на овој заем за државата ќе се движи меѓу 321,6 и 327,6 милиони евра – наведува Битиќи.
Темата за новото задолжување, како и за растечкиот јавен долг, кој се приближува до 11 милијарди евра, предизвика сериозна дебата меѓу пратениците. Опозицијата реагира дека Владата носи клучни финансиски одлуки по скратена постапка, без доволна транспарентност и присуство на министерката за финансии.
Во меѓувреме, власта уверува дека станува збор за дел од планирана фискална стратегија и постепена консолидација на јавните финансии, која треба да обезбеди стабилност без нагли економски шокови. Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, нагласи дека државата останува во рамките на одржливите фискални политики и контролиран дефицит.
Во претходните излагања во врска со заемот, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека процесот на задолжување е спроведен преку конкурентна постапка со повеќе меѓународни банки.
Таа истакна дека Министерството за финансии испратило барање до 14 банки, од кои осум доставиле понуди, при што е избрана најповолната понуда со каматна стапка пониска од тековните пазарни услови и од постојната обврзница на секундарниот пазар.
– Во согласност со буџетот за 2026 година, беше предвидено задолжување од 1,3 милијарди евра на странскиот пазар. Од нив, 1 милијарда евра веќе беа обезбедени преку еврообврзница на почетокот од годината, а преостанатите до 300 милиони евра се реализираат преку овој процес. Добивме осум понуди, а избраната е најповолната и конкурентна – изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека во споредба со земјите од регионот, Македонија обезбедува пониски трошоци на задолжување и подолг рок на отплата.
– Црна Гора, за петгодишен кредит, има камата од еурибор плус 2,5 отсто, додека ние добивме седумгодишен кредит со еурибор плус 2,1 процентен поен. Во истиот период, Романија имаше повисоки каматни стапки од нашите, над 5 отсто – нагласи министерката.
Сепак, Битиќи предупредува дека буџетските параметри покажуваат спротивен тренд. Тој посочува дека дефицитот и понатаму останува над законски дозволеното ниво, а динамиката на трошење укажува на побрза реализација на расходите во однос на приходите. Особено загрижувачки, според него, е континуираниот раст на трошоците за камати, кои во периодот 2026–2030 година би можеле да достигнат околу 2,74 милијарди евра, што дополнително ќе го оптовари буџетот во наредните години.
Според предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем кај КфВ ИПЕКС-Банк ГмбХ (KfW IPEX-Bank GmbH), Банко Билбао Визкаја Аргентарија, С.А. (Banco Bilbao Vizcaya Argentaria, S.A.), Ерсте гроуп банк АГ (Erste Group Bank AG), АКА Аусфухкредит-Гезелшафт мбХ (AKA Ausfuhrkredit-Gesellschaft mbH) и Мерил Линцх интернатионал (Merrill Lynch International), по договор за заем за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање капитални расходи и рефинансирање обврски утврдени во буџетот на Република Македонија, заемот ќе се повлече во една транша, во согласност со роковите и условите утврдени во договорот за заем, рокот за отплата на заемот е седум години, на девет еднакви полугодишни рати, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен еурибор, зголемен за маргина што изнесува 2,10 проценти.
Република Македонија ќе им плати на заемодавачите еднократна провизија во износ од 1,4 процент од износот на заемот. Република Македонија на агентот на заемодавачите ќе му плаќа провизија во висина од 12.500 евра на годишно ниво, се посочува во предлог-законот објавен на собраниската веб-страница.












