Претставата „Кокошка”, во копродукција на независната театарска група „Вортекс“ и „Театар Комедија“, ги освои двете најзначајни награди на јубилејното 10. издание на Интернационален театарски фестивал во Приштина, кое се одржа од 18 до 23 мај. Наградата за најдобро актерско остварување ѝ беше доделена на Билјана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата на Ала во „Кокошка“, претставата е прогласена за најдобра.

Во образложението на интернационалното жири за актерската награда се наведува дека изведбата на Драгиќевиќ-Пројковска се одликува со исклучителна актерска зрелост, храброст и прецизност во изразот. Интерпретацијата, според жирито, е „апсолутно ослободена од вишок, кристално јасна и целосно уверлива“.

Во однос на наградата за најдобра претстава, жирито ја издвои „Кокошка“ поради автентичната сценска енергија и доследниот уметнички, експериментален пристап, преку кој таа создава современ и препознатлив театарски јазик.

Претставата е во режија на Теодора Силјаноска, која ги потпишува и сценографијата и изборот на музика. Во актерската екипа настапуваат и Ане Блажовски, Кристина Гиева, Toме Станковски и Ванеса Тримчевска. Костимографијата е на Марија Пупучевска, а сценските движења ги креираше Дарко Велиќ.

ИЗДВОЕНИ