Четириесет и едногодишниот Суарет Алишан е само едно од лицата со оштетен вид што се соочуваат со пречки при движењето во градот. Тој живее во Реонски Центар, во Општина Аеродром. Пречки што постојано му задаваат проблеми за нормално да се движи, а притоа ја доведуваат неговата безбедност во опасност, се семафорите. Вели дека е потребен семафор за лицата со штетен вид и за слепите лица, а таков нема. Тој повеќепати се обратил до Град Скопје и до скопскиот градоначалник, но проблемот досега не е решен. Друга пречка, според него, е тоа што нема дактилна патека каде што би можеле слободно и безбедно да се движат, а и онаа што ја има, вели тој, откај раскрсницата кај Зелен пазар до Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“, е несоодветна и завршува во контејнер. Исто така, автобусот пристигнува без звучна најава, а информациите за патниците се достапни само визуелно

Четириесет и едногодишниот Суарет Алишан е само едно од лицата со оштетен вид што се соочуваат со пречки при движењето воградот. Тој живее во Реонски Центар, во Општина Аеродром. Пречки што постојано му задаваат проблеми за нормално да се движи, а притоа ја доведуваат неговата безбедност во опасност, се семафорите.
– За да се премине булеварот „Јане Сандански“, потребен е семафор за лицата со штетен вид и за слепите лица, а таков нема. Повеќепати се имам обратено до Град Скопје и до скопскиот градоначалник, но проблемот досега не е решен –реагира Алишан.
Тој вели дека не би знаел што ќе прави доколку не е апликацијата „Би мај ајз“, која ја добил од Индија, преку Коалицијата за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“, каде што е и координатор. Како што објасни, оваа апликација во реално време ги поврзува корисниците со оштетен вид со волонтери, преку видеоповик.
– Волонтерите помагаат во секојдневните задачи како читање етикети, проверка на роковите на траење, препознавање бои или движење во просторот. Кога се движиш и ти треба помош, со камера на телефон волонтерот ти кажува како и каде да поминеш. Но, проблемот е во тоа што и тие не се секогаш достапни. Тоа го прават без финансиски надоместок. Сепак, благодарни сме ѝ на Индија што се вклучени и македонски волонтери во ова – објаснува Алишан.
Друг проблем за лицата со оштетен вид и за слепите лица е тоа што нема дактилна патека каде што би можеле слободно и безбедно да се движат.
– На пешачките патеки се движат и тротинети. Тие речиси и не се слушаат, па секој од нас може да настрада – се жали Алишан, додавајќи и дека јавниот превоз е непристапен за слепите лица и за лицата со оштетен вид.
Според него, и онаа дактилна патека што ја има, откај раскрсницата кај Зелен пазар до Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“, е несоодветна и завршува во контејнер.
– Нашата организација, коалицијата „Менуваме“, има решенија за подобрување на условите. Знам дека не може насекаде да биде пристапно, но може да се направат пристапни патеките во Аеродром, Центар, Карпош, Гази Баба, но Град Скопје треба да има вид и слух за да нè разбере – тврди Алишан.
Алишан е дете на слепи родители, кои, како него, учеле во Домот за слепи лица во Кисела Вода. Неговата животна приказна е тажна, бидејќи го оставиле, па морал да престојува во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ и во згрижувачки семејства. И покрај сè, го продолжил своето образование. Завршил средно училиште во „Димитар Влахов“. Тој не користи бел стап, бидејќи во училиштето „Димитар Влахов“, парапатолози ги обучувале како да се ориентираат во микро и во макропростор.
Коалицијата „Менуваме“, по повод Меѓународниот ден на белиот стап, констатираше дека, низ очите на слепите, градот е пречка, а не белиот стап и наместо слободно да се движат, имаат патеки со пречки, а тротоарите се блокирани од паркирани автомобили.
– Тактилната патека завршува пред пречка, додека на раскрсницата нема функционален звучен сигнал. Автобусот пристигнува без звучна најава, а информациите за патниците се достапни само визуелно. Она што за некого е обична прошетка, за друг може да стане патување исполнето со ризик, неизвесност и со зависност од туѓа помош. Проблем не е белиот стап, проблем е недостапната урбана средина – констатираат од коалицијата „Менуваме“.
Тие ги повикуваат институциите за систематско испитување на пристапноста во Скопје, утврдување на опасните бариери и за преземање конкретни мерки за нивно отстранување.
– Градот Скопје, општините, надлежните јавни претпријатија, инспекциските органи и операторите на јавниот превоз треба да постапуваат во рамките на своите законски надлежности и да обезбедат транспарентност и отчетност. Не е доволно да изградиме тротоар. Мора да обезбедиме тротоар по кој може безбедно да се движи секој граѓанин. Не е доволно да поставиме тактилна патека. Таа мора да биде правилно поставена, функционална и непрекината. Не е доволно да набавиме опрема за јавниот превоз. Таа мора да функционира и да обезбедува достапни информации за сите патници – децидни се од Коалицијата „Менуваме“, нагласувајќи дека Скопје мора да стане град во кој слепилото не значи изолација, оштетувањето на видот не значи присилна зависност, а секое патување не претставува патека со пречки.
Меѓународниот ден на белиот стап се слави секоја година, низ целиот свет, на 15 октомври, со цел да го едуцира светот за слепилото, за тоа како може слепите лица и лицата со оштетен вид да живеат и да работат самостојно, да ги слават успесите што ги постигнале и да им оддаде почит на многуте придонеси направени од нивна страна. Во Македонија, денот повторно е повод за апели до институциите, бидејќи секојдневното одење на работа, на лекар или до продавница за многумина од нив и натаму претставува ризик.
Белиот стап има релативно кратка историја. Џејмс Бигс од Бристол се поврзува со неговото воведување во 1921 година, кога, според едно од историските сведоштва, го обоил својот стап во бело за да биде повидлив за возачите. Организираното движење за поширока употреба на белиот стап, како безбедносно помагало за слепите лица, почнало во Франција, во 1931 година. Во Северна Америка, значајна улога во неговото промовирање имал Лајонс клубот, чии членови ја препознале потребата слепите пешаци да користат стапови што полесно ќе бидат забележани од возачите.
Датумот 15 октомври потекнува од САД. На 6 октомври 1964 година, американскиот Конгрес усвоил заедничка резолуција со која му овозможил на претседателот секоја година да го прогласува 15 октомври за Ден на безбедноста на белиот стап. Претседателот Линдон Џонсон бил првиот што го сторил тоа. Во 1970 година, Меѓународната федерација на слепите го прогласила датумот за меѓународен ден посветен на слепите лица, а денес тој се одбележува низ светот како симбол на самостојноста, мобилноста и на правото на еднакво учество во општеството.
(А. П.)












