Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари работни средби со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во рамките на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка, кои се одржуваат во Бангкок, Тајланд. На средбите присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Славески разговараше со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот за Европа, Матеуш Шчурек, извршниот директор Јерун Клик и неговиот заменик Марникс ван Рај. Во фокусот беа макроекономските движења и перспективи, глобалните економски ризици, проекциите на ММФ, состојбите во банкарскиот сектор и можностите за продлабочување на меѓусебната соработка.
На средбите беше оценето дека македонската економија покажува отпорност и покрај продолжените геополитички неизвесности. Стабилизацијата на инфлацијата создава поповолни услови за нејзино враќање кон проектираните нивоа, но надворешните ризици и домашните инфлациски притисоци и натаму бараат внимателно водење на економските политики. Беше нагласена и потребата од координација на политиките, одржување на стабилноста на девизниот пазар и обезбедување соодветно ниво на девизните резерви.
Во однос на банкарскиот сектор, беше истакнато дека тој останува стабилен и отпорен, со висока капитализираност, солидна ликвидност и квалитетно кредитно портфолио, што овозможува континуирана поддршка на економската активност. Делегацијата на Народната банка разговараше и со експерти на ММФ за монетарната политика, статистиката, институционалните капацитети и усогласувањето со меѓународните стандарди. Беше потврдена заедничката заложба за продолжување на соработката, со цел зајакнување на централнобанкарските функции и отпорноста на домашната економија.












