Словачка го обновува замрзнатиот форум за соработка со Русија, а се очекува првата средба по пет години да се фокусира на испораките на руски гас и нафта, нуклеарното гориво и третманот на руските спортисти на меѓународните натпреварувања, се наведува во документ на руската влада до кој дојде „Политико“.
„Политико“ нагласува дека не можел независно да ја потврди автентичноста на документот, иако тој ги носи обележјата на веродостоен руски министерски материјал.
Во документот се наведува дека словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар се согласил за одржување на состанокот за време на видеоповик со рускиот министер Валериј Фалков на 20 август. Првично биле предложени октомвриски датуми.
На прашањата за дневниот ред, словачкото Министерство за надворешни работи го упатило медиумот кон претходните изјави на Бланар. Тој порача дека Братислава одржува дијалог со државите заинтересирани за прагматична соработка во интерес на Словачка. Руското МНР не одговорило на барањето за коментар.
Енергетиката е меѓу главните теми на приближувањето. Според документот, словачката страна ја истакнала важноста на испораките на руска нафта преку „Дружба“ и на снабдувањето со нуклеарно гориво.
Фицо се противи на прекинот на увозот на руски енергенси, тврдејќи дека тоа би ги зголемило трошоците за земјата. Обновувањето на комисијата следува по неговата посета на Москва на 9 мај и средбата со Владимир Путин.
Според документот, на ноемвриските разговори би се разгледувале и статусот на Рускиот центар за наука и култура во Братислава и ограничувањата за учество на руските спортисти на меѓународни натпревари.
Словачкото приближување кон Москва потсетува на напорите на Русија да ја зајакне соработката со Унгарија. Во декември, Будимпешта и Москва се договорија за план од 12 точки за проширување на соработката во областите на енергетиката, трговијата и културата.
Потезите на Фицо покажуваат како Русија ги користи енергетските врски за да придобие одредени земји-членки на ЕУ и да го ослаби единствениот европски став во однос на војната во Украина.
Сепак, останува прашањето дали Москва ќе може да ги исполни ветувањата за зголемување на испораките на енергенси. Украина ги засилува нападите со беспилотни летала врз руските рафинерии, со цел да го попречи снабдувањето со гориво и да ги намали приходите што се користат за финансирање на војната. Овој месец, Киев изјави дека овие напади онеспособиле 51 отсто од руските капацитети за преработка на нафта.












