Поранешната висока функционерка на израелското Министерство за сообраќај, Керен Тернер, вчера ја обвини актуелната министерка во тој ресор, Мири Регев, дека сноси одговорност за безбедносните пропусти поврзани со странските авиокомпании кои летаат кон Израел, додека се засилува надзорот врз работата на министерството по минатонеделниот терористички напад што го изведе копилот од Оман за време на летот на компанијата „Флајдубаи“ за Тел Авив.
Тернер, која од 2016 до 2020 година ја вршеше функцијата генерален директор на Министерството за сообраќај, а сега се кандидира за место во Кнесетот како трета на изборната листа на Нафтали Бенет, директно ја обвини Регев за тоа.
„Вие сте одговорни за безбедноста во врска со странските авиокомпании. Не Шин Бет, не Мосад. Вие“, рече Тернер, обраќајќи ѝ се на министерката од партијата Ликуд.
Владата, Регев и Министерството за сообраќај ја отфрлија одговорноста за каков било безбедносен пропуст пред инцидентот во кој копилотот Хамам ал-Хамами со нож го нападна пилотот и наводно се обиде да го урне авионот со 180 патници, од кои речиси сите беа Израелци, како и членови на екипажот, пренесе Тајмс оф Израел.
Министерството наведе дека не поседува капацитети за спроведување безбедносни проверки на странските пилоти, како и дека не постои начин целосно да се загарантира безбедноста на странските летови кон Израел. Сепак, според интерните документи на Советот за национална безбедност кои денеска ги цитираше Военото радио, високи израелски органи со години предупредувале дека Министерството за сообраќај не ги исполнува своите обврски во однос на безбедносните проверки на странските авиокомпании кои летаат кон Израел.
Тернер изјави дека Управата за цивилно воздухопловство од 2008 година е директно подредена на министерот за сообраќај, како и дека доверливиот извештај на Државниот контролор од мај 2024 година докажува дека Регев била предупредена за недостатоците во подготвеноста на безбедносниот сектор на министерството. Посебни интерни документи, за кои во неделата извести Радиото на израелската армија, укажуваат на тоа дека со години се изразувала загриженост поради поделбата на одговорноста за безбедносните проверки на странските авиокомпании.












