Ормускиот теснец никогаш нема да се врати во својата претходна состојба, изјави во неделата висок ирански претставник, во услови на ирански ограничувања за пловидба по стратешкиот воден пат и блокада на иранските пристаништа од страна на САД.
„Никогаш нема да го вратиме Ормускиот теснец во неговата претходна состојба, бидејќи ова е наредба од водачот на Исламската револуција“, изјави Али Никзад, втор заменик-претседател на иранскиот парламент, за полуофицијалната новинска агенција „Мехр“.
„Не рече ли (американскиот претседател Доналд) Трамп, по бомбардирањето на „Форд“ и „Натанц“, дека сè е уништено и дека Иран повеќе нема нуклеарна програма? Сепак, сега тој вели дека нема да прифати дека Иран има нуклеарен капацитет. Кој е Трамп да одлучува за тоа?“, праша тој, осврнувајќи се на претходните изјави на американскиот претседател.
Од почетокот на војната што ја започнаа САД и Израел против Иран на 28 февруари, Техеран ја одржува контролата врз Ормускиот теснец, по што следеше поморска блокада од страна на САД на 13 април, што влијаеше на глобалните снабдувања со енергија, главно низ Азија.
Вашингтон и Техеран одржаа разговори во пакистанскиот главен град Исламабад пред две недели, но не успеаја да постигнат договор за прекин на конфликтот. Разговорите следеа по двонеделното примирје, посредувано од Пакистан, на 8 април, кое подоцна беше продолжено од Трамп.
Иако напорите за уште една рунда разговори се во тек, се вели дека некои од точките на сопнување се Ормускиот теснец, блокадата на иранските пристаништа од страна на САД и збогатениот ураниум на Иран, пренесе „Радио Сараево“.












