За десетина дена ќе започне изградбата на новиот автопат Букојчани – Кичево, во должина од 11 километри, што ќе се финансира преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а носител на проектот е Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во соработка со македонската Влада. Ова меѓу другото го најави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски во обраќањето на глобалниот настан „Денови на поврзување на Европа” во Брисел.
Исто така, тој најави дека следната година би можело да се воспостави меѓуградски воз Приштина – Скопје кој ќе патува 50 минути, а за заедничка железничка врска вчера, во главниот град на Косово, се состанаа директорите на железничките компании од двете земји.
Николоски посочи дека паралелно со инфраструктурните инвестиции во патната и во железничката мрежа, фокусот е ставен и на забрзување на прекуграничното поврзување со соседните земји, со цел Македонија да стане значајна транзитна точка во регионот.
– Она што е важно е дека не зборуваме само за инфраструктура внатре во нашата земја, туку зборуваме за поврзување на целиот регион. Како земја која се наоѓа во срцето на Балканот, имаме огромен интерес да бидеме дел од европската транспортна мрежа и да обезбедиме брзи, ефикасни и модерни врски со сите наши соседи. Тоа значи дека инвестициите во Коридорите 8 и 10 не се само македонски проекти, туку се европски проекти кои треба да овозможат побрзо движење на луѓе и стока од Јадранското до Црното Море – истакна Николоски.
Тој нагласи дека Македонија продолжува со реализација на сите проекти кои се во тек.
– На Коридорот 8 веќе имаме сериозен напредок во изградбата на автопатската и железничката инфраструктура, а следната фаза ќе биде уште позначајна бидејќи ќе обезбеди целосно поврзување со Бугарија и Албанија. Истовремено, Коридорот 10 го модернизираме како главна север-југ транспортна артерија низ земјата, со брза железница, дигитализација и модернизација на граничните премини – рече Николоски.
Тој очекува во наредниот период да имаме уште поголема динамика во реализацијата на овие проекти.
– Нашата цел е граѓаните и компаниите да почувствуваат конкретна корист од овие инвестиции. Кога ќе се завршат автопатите и железничките линии, времето за патување значително ќе се намали, транспортот ќе биде побрз и поефикасен, а македонските компании ќе имаат полесен пристап до европските пазари. Тоа е суштината на целата оваа инфраструктурна политика – да ја направиме Македонија подобро поврзана, а преку тоа и поконкурентна – истакна Николоски.
Министерот посочи дека за македонската влада е особено важно инфраструктурните проекти да се реализираат во партнерство со Европската Унија и европските финансиски институции, затоа што на тој начин ќе се обезбеди не само финансиска поддршка туку и стандарди и квалитет што ќе овозможат на Македонија да биде целосно интегрирана во европската транспортна мрежа.
(С. Бл.)












