Скопскиот аеродром во август годинава забележал раст на патничкиот сообраќај од 34,8 % во однос на тој месец лани, со што се најде меѓу најбрзорастечките средни аеродроми во Европа, покажува најновиот извештај на Европското здружение на аеродроми АСИ ЈУРОП.

Во категоријата средни аеродроми, со годишен сообраќај од еден до 10 милиони патници, Скопје е на петтото место според растот. Пред него се Братислава со 75,9 %, Трапани со 52,3 % и Подгорица со 47,6 %, додека Палермо забележал раст од 32,3 %.

Според извештајот, Македонија е меѓу пазарите надвор од Европската Унија со највисок раст во август. Двоцифрен пораст е регистриран и во Црна Гора од 28,6 %, Албанија со 20,7 %, Израел со 19,5 %, Ерменија со 14,2 %, Молдавија со 12,6 % и Узбекистан со 10,5 %. Турција, како најголем пазар во оваа група, пораснала за 4,4 %.

На европско ниво, патничкиот сообраќај во август пораснал за 3,1 %, по растот од 3,9 % во јули. Тоа претставува забрзување во однос на вториот квартал, кога растот изнесувал 1,3 %. Аеродромите надвор од ЕУ+ забележале раст од шест отсто во август, додека на пазарот ЕУ+ растот бил 2,5 %.

ИЗДВОЕНИ