недела, октомври 18, 2026
Дома СКОПСКА Врело на Матка се отвори до неверојатни 338 метри!

Врело на Матка се отвори до неверојатни 338 метри!

По три децении истражувања, повеќе меѓународни експедиции и постепено откривање на непознатите подводни премини, Врело стана најдлабоката подводна пештера истражена од човек. На последнатото истражување што се одржа од 10 до 17 октомври 2026 година, меѓународниот тим од петнаесетина експерти од Полска, Италија и Македонија стигна до длабочина од 338 метри но откри и два нови канала, а македонските спелеонуркачи за првпат самостојно конструираа и поставија подводна воздушна комора за безбедна декомпресија. Дека зад рекордната бројка од 338 метри не стои само еден подвиг, доказ се и објавите во весникот ВЕЧЕР, кој од самите почетоци следи и информира за секој чекор на Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ кои со децении имаат главна улога во организација на истражувањата со активно вклучување и на врвни светски имиња во спелеонуркачката фела

0

Подводната пештера Врело го испиша најзначајното поглавје во својата истражувачка историја. На спелеонуркачката експедиција што се одржа од 10 до 17 октомври 2026 година, меѓународниот тим од петнаесетина нуркачи од Полска, Италија и Македонија стигна до длабочина од 338 метри, со што, според информациите на Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, пештерата се најде на првото место на светската листа на најдлабоки подводни пештери истражени од човек. Постигнати се повеќе светски рекорди, меѓу кои најдлабоко истражена подводна пештера и најдлабоко нуркање во пештера, како и рекорд во категоријата длабинско нуркање на отворени води.

Од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ информираат дека за време на експедицијата освен истражувањата за длабочината на пештерата, нуркачките тимови од Полска и Македонија, откриле уште две нови неоткриени канали, кои ја видоизмениле мапата на пештерата и вкупната должина на пештерата.

– Во спелеологијата, должината на пештерата се пресметува вклучувајќи ги сите канали. Освен должината поради испитаната нова длабочина од 51метар (338 метри-287метри) , дополнително вклупната должина на новите канали кои ги истражи оваа експедиција е повеќе од 100 метри, односно вклупно нови 150 метри истражена пештера. Во спелонуркањето овие нови канали се од исклучителна важност, поради комплексноста на целокупниот подводен пештерски систем. Првиот новоистражен канал кој се наоќа на 300 метри од влезот на пештерата е на длабочина од 33 метри, со приблична должина од 100 метри, завршува на 10 метри и се спојува со последниот крак кој е истражен во 2000 година. Вториот канал е на длабочина од 170 метри, со должина од 30 метри и на 185 метри се спојува со главниот канал, кој досега беше единствениот истражен длабински канал – објаснуваат од спелеонуркачкиот клуб „Врело“.

Инаку, за потребите на експедицијата, и за првпат од Македонскиот тим, на 130 метри од влезот на пештерата, била конструирана, внесена, обезбедена на локација и поставена воздушна комора (хабитат) на длабочина од 8 до 9 метри.

-Оваа воздушна комора, за првпат е направена самостојно од македонските нуркачи на „Врело“, поставена на локација и обезбедена, и на крај означена со македонското знаме. Воздушната комора се поставува за користење на нуркачите за време на долгите декомпресиски периоди. Исто така, беа поставени повеќе од 30 боци со различни миксови на гасови, на десетина локации и длабочини во пештерата, потребни за безбедно завршување на декомпресијата. Освен боците, на одредени локации во пештерата имаше и резервни батерии за греење и осветлување – наведуваат од СНК „Врело“.

Оттаму додаваат дека финалното нуркање со кое се постигнал рекордот во пештерата, а траело девет часа, било вниматлено планирано и организирано, и следено од 12 нуркачи кои биле распределени во различни временски периоди на различни локации и длабочини како безбедносни нуркачи, следејќи го безбедното излегување на Бартиломеј Питала.

Тимот на нуркачите со тимовите за прва помош, било координиран од површинска подршка.

-Во текот на овие девет часа, на подготвеност беа хипербарична комора со специјализирани лица за третирање на декомприсиона болест, хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи, нуркачките тимови на САЕ Тигар со брзи чамци и специјализирани возила за транспорт, како и возило на Службата за итна медицинска помош, велат од  спелеонуркачкиот клуб.

Дека зад рекордната бројка од 338 метри не стои само еден подвиг, доказ се и објавите во весникот ВЕЧЕР, кој ги следи и информираше за сите подвизи за истражувањето и заштитата на подводната пештера Врело уште од самите почетоци во 1995 година, кога мешовита експедиција од домашни и странски спелеолози и спелеонуркачи ги поставила темелите на систематското проучување на овој локалитет. Во откривањето на подводните мистерии на Матка голем придонес има формирањето на Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ во 2009 година под чие раководство е преземена активна улога во организација на истражувањата и создавањето услови за истражување со активно вклучување на меѓународна експедиција со врвни светски имиња во спелеонуркачката фела. Во секоја нова експедиција, истражувачите излегуваа импресионирани и од условите во нејзината внатрешност – исклучително чистата вода, пространите галерии и разновидните карстни форми. На спелеонуркачката мапа, Врело веќе не е запишан како спелеолошки предизвик, туку место што ветува значајни откритија на меѓународно ниво.

Светскиот рекорд на Врело е причина за гордост, но и обврска ова природно богатство да се истражува и заштитува со соодветна научна и институционална поддршка. Заслужува континуирано проучување, следење на состојбата на водата и заштита на чувствителниот пештерски систем. Бидејќи 338 метри не се само мерка за човечката издржливост и истражувачката храброст, туку и потсетник дека под Матка сè уште постои свет чии тајни не се целосно откриени. Неговата меѓународна афирмација може да придонесе и за развојот на истражувачкиот и одржливиот туризам.

Сиљановска-Давкова: Светскиот рекорд, можност за афирмација на македонското културно наследство како исклучително

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со учесниците во меѓународната експедиција „Врело 2026“ и членовите на Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, кои ја информираа за текот на експедицијата и за историскиот успех со кој пештерата Врело во кањонот Матка, со истражена длабочина од 338 метри, стана најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек.

За претседателката, светскиот рекорд е не само признание за знаењето, храброста и истрајноста на спелеонуркачите, туку и реална можност за меѓународна афирмација на македонското културно наследство како исклучително. Спелеонуркачите ја запознаа претседателката со предизвиците со коишто се соочиле за време на нуркачкиот подвиг, необичните сознанија за подводниот свет на Врело, како кристално чистата вода и умерената температура од петнаесетина степени, новооткриените два канали и над 150 метри нови големи ходници.

Според учесниците во уникатниот подвиг, Врело е раскошен и мистериозен природен феномен со волшебна привлечност, една од досега најинтересните подводни пештери за нив. Тие ѝ изразија благодарност за прифатеното генерално покровителство, истакнувајќи ја неговата важност за успешната реализација на експедицијата. Претседателката Сиљановска-Давкова им посака успех во идните подвизи и изрази убедување дека нивниот успех е инспиративен за многу други спелеонуркачи.(А. П.)

ИЗДВОЕНИ