Заврши 11. Меѓународен филмски фестивал за дебитантски остварувања
Со доделување на наградите и проекција на словенечко-македонската копродукција „Фантази“, на која присуствуваше и режисерката Кукла Кешеровиќ, вчеравечер свечено беше затворено 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ во Скопје.
Меѓународното жири во состав: Емин Алпер, претседател, и членовите Александра Марковиќ и Гоце Цветановски, пред присутните на затворањето на фестивалот во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода ги соопштија наградените филмови и автори.

Наградата за најдобар долгометражен филм му припадна на филмот „Вчера моите очи не заспаа“, во режија на Ракан Мајази, поради спојот на впечатливо визуелно раскажување, природна глума и чувствителен приказ на односот меѓу две сестри, чии животи се обликувани од одлуките на другите. Преку посветеноста на секојдневните гестови и неизречените емоции, филмот нуди моќен, личен израз на нивната блискост и копнежот по слобода.
Наградата за најдобар режисер ја доби Мирослав Терзиќ за филмот „Три недели потоа“, за неговата прецизна градба на тензијата и сигурната режија на актерската екипа. Терзиќ внимателно ги обликува односите меѓу ликовите, создавајќи моќен и вознемирувачки приказ на малтретирањето и неговите последици.

-Овој пат не можам да ви се обратам на македонски бидејќи сум многу возбуден, рече на почетокот на своето видео обраќање Терзиќ.
„Му благодарам на жирито и на организаторите на прекрасниот престој во Македонија и на сè она што еден филмаџија може да посака, а тоа се прекрасни разговори по филмот. Благодарам за наградата за најдобра режија, многу ми значи и тоа од многу причини. Ние не правиме филмови за да добиваме награди, туку да поттикнеме некакви разговори. Мислам дека ова е вистински филм за еден сериозен разговор меѓу сите нас, меѓу децата и возрасните и да се обидеме да најдеме системско решение за оваа несреќа која малку по малку го уништува нашиот живот. Животот може да биде многу поубав ако јазикот на насилството не е основен јазик во нашите животи, истакна Терзиќ и посака фестивалот секоја година да биде храбар, нов и поинаков и да избира филмови кои се храбри, кои провоцираат и нè тераат да бидеме подобри.
Со наградата за најдобро сценарио се закитија Христо Симеонов и Петар Крумов за филмот „Чевлите на мојот татко“, за нивната нијансирана карактеризација и истражување на односот помеѓу мајката и ќерката кои се соочуваат со смртта на таткото и неговото долго отсуство од нивните животи. Преку неизречени емоции, семејни тензии и суптилен, мрачен хумор, сценариото гради емоционално слоевита приказна за сеќавањето, загубата и можноста за простување.

-Најпрво сакам да се заблагодарам на организаторите на Киненова, навистина беше задоволство да се биде во Скопје. Прв пат сум овде и имав прекрасно искуство. Благодарам за наградата, рече Христо Симеонов.
Специјално признание жирито му додели на филмот „Во сенка“, во режија на Салем Салавати, за неговото храбро истражување на чувствителната тема за адолесценцијата и сексуалноста кај еден млад човек со Даунов синдром. Преку потрагата на неговата мајка по поддршка, филмот го истражува сложениот однос помеѓу љубовта, заштитата и општествениот притисок, покренувајќи важни прашања за правото на различност и одговорноста на заедницата.
Со едногласна одлука на жирито, наградата за најдобар краток филм рамноправно ја поделија „Тарик“ во режија на Адем Тутиќ и „Како што лета гавранот“во режија на Клара Лакомб. Филмот „Тарик“ е награден за неговиот сензибилен приказ на растењето, семејните односи и потребата за припадност, додека „Како што лета гавранот“ е одликуван за неговиот иновативен спој на анимација и документарно раскажување, со што ѝ се дава личен глас на миграциското искуство. Преку своите карактеристични филмски јазици, двата филма нè приближуваат до внатрешните светови на нивните млади протагонисти, истовремено зачувувајќи ја нивната сложеност и достоинство.

Присутните на свеченото затворање ги поздрави директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ кој се заблагодари на поддржувачите, публиката и филмските автори за нивните филмски приказни, како и уметнички директор Гена Теодосиевска.
-Покажавме дека филмот има моќ да нè доближи до вистинските вредности и упорно, настојчиво да ни поставува прашања и да ни нуди одредени одговори, но пред сè да ни ги покаже причините кои ја предизвикуваат темната страна на човештвото, но и алатките со кои можеме да ја надминеме. Изборот е наш, дали ќе ја надминеме моралната ерозија и ќе се осмелиме да го изговориме вистинскиот збор, и да се соочиме со предизвикот на нашата реалност. Запознавме прекрасни и драги луѓе, човечки сензибилитети кои долго ќе ги паметиме, ќе ги цитираме, ќе говориме и ќе пишуваме за нивните филмови. Тоа никој не може да ни го одземе, рече Теодосиевска.
Дададе дека за време на фестивалот на три локации се прикажани 39 филмски наслови, а се реализирани и пет извонредно посетени работилници, и тоа: на лауретот Емин Алпер, работилници со неговиот монтажер Озџан Вардар, како и со Миша Терзиќ, со Бранислав Трифуновиќ, со Дејан Илиев и со Гоце Цветановски, но и „Снимај паметно, остави трага“ со децата од училиштата во Општина Кисела Вода под менторство на Марија Џиџева.












