Професионалните возачи од Македонија и од другите земји од Западен Балкан и понатаму се соочуваат со проблемот со ограничениот престој во Шенген-зоната, кој создава сериозни предизвици за меѓународниот патен товарен транспорт. Во обид да се најдат решенија, во процесот се вклучува и Транспортната заедница, која најавува поддршка за пренесувањето на барањата на транспортниот сектор до европските институции.
Проблемот беше една од главните теми на средбата одржана минатиот четврток, во Белград, организирана од Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, со претставниците на српското здружение на патни превозници „Пумедтранс“ и надлежните институции во Србија. На состанокот се разговараше за ограничувањето за престој на професионалните возачи во Шенген-зоната, долгите редици на граничните премини и за признавањето на странските сертификати за професионална компетентност.
Од Транспортната заедница ја изразија подготвеноста да го поддржат понатамошниот дијалог и да ја олеснат соработката меѓу земјите од регионот. Секретаријатот е подготвен да ги пренесе проблемите и барањата на превозниците до Европската комисија, со цел да се отвори простор за разговори за решенија што ќе ја земат предвид специфичноста на меѓународниот транспорт.
Сепак, одлуките за условите за влез и за престој во Шенген-зоната се во надлежност на институциите на Европската Унија и на властите на земјите членки, што значи дека вклучувањето на Транспортната заедница засега претставува поддршка во дијалогот, а не конкретно решение за проблемот.
Дополнителен предизвик претставува и примената на системот за влез/излез на Европската Унија (EES), преку кој електронски се евидентираат влезовите и излезите. Професионалните возачи, поради природата на својата работа, често патуваат низ повеќе европски држави, па ограничувањето за краткорочен престој може да влијае врз нивната работна динамика, распоредот на транспортните тури и врз редовноста на испораките.
Во меѓувреме, македонската Влада продолжува да бара билатерални решенија со одделни европски земји. Според досегашните информации, со Хрватска е постигнат договор, со Романија се разговара за можноста за дозволи за престој наместо визи, а продолжуваат и разговорите со Бугарија и со Грција. Сепак, ваквите решенија не гарантираат единствен режим за возачите што во рамките на една транспортна тура минуваат низ повеќе држави од Шенген-зоната.
Од транспортниот сектор предупредуваат дека неизвесноста може да создаде дополнителни трошоци за превозниците, да го отежне планирањето на работата и да предизвика доцнење во испораките. Последиците може да ги почувствуваат и извозниците и увозниците, особено компаниите што зависат од редовниот и навремен транспорт на стоки кон европските пазари.
На средбата во Белград беа разгледани и можностите за побрз проток на стоки преку граничните премини, со примена на концептот на зелени коридори, подобра координација меѓу граничните служби и поголема дигитализација на процедурите. Овие мерки би можеле да го олеснат товарниот транспорт, но не го решаваат директно прашањето за ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.
(С. Бл.)












