сабота, август 1, 2026
Дома БАЛКАН Во сообраќајна несреќа повредена претседателката на Словенија

Во сообраќајна несреќа повредена претседателката на Словенија

0
EPA/BORISLAV TROSHEV

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, беше повредена во сообраќајна несреќа во тунелот Кастелец на автопатот Копер-Љубљана. Се здоби со полесни повреди.

По добивањето на лекарска помош во Општата болница во Изола, претседателката се чувствува добро и се очекува да биде пуштена на домашно лекување во текот на денот.

Како се случила несреќата?
Несреќата се случила во 16:57 часот во тунелот Кастелец, на автопатот Приморје во правец кон Љубљана.

Во судирот учествувале две полициски возила кои ја придружувале претседателката, која во тој момент се враќала од одмор во Хрватска и патувала кон Коменда, каде што требало да присуствува на хуманитарниот спортски настан „Поги Челинџ“.

Повредени се две лица
Во несреќата се повредени две лица. Претседателката на Словенија се здобила со полесни повреди, додека друго лице во возилото е тешко повредено.

Полицијата сè уште ги утврдува околностите и причината за сообраќајната несреќа, а за случајот е известено и Специјализираното јавно обвинителство на Република Словенија.

Претседателката, преку својот кабинет, им се заблагодари на сите служби за итни случаи и на персоналот на Општата болница во Изола за нивната брза и несебична помош.

Тунелот Кастелец бил затворен за сообраќај до 20:19 часот, за да може да се спроведе истрага.

ИЗДВОЕНИ