Ширењето на африканска свинска чума во Србија, каде што во изминатиот период се регистрирани стотици заразени фарми и десетици илјади пцовисани и евтанизирани свињи, ги стави во состојба на зголемена готовност и надлежните институции во Македонија. Поради близината на жариштата и зголемената фреквенција на луѓе и на стоки во летниот период, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до граѓаните да не внесуваат месо и сувомесни производи од Србија во рачен багаж за да не ја внесат болеста во земјава.
Од АХВ велат за ВЕЧЕР дека во моментов е стабилна состојбата кај домашната популација на свињи, но дека се засилени контролите.
– АХВ будно ја следи состојбата и спроведува превентивни мерки со цел да се спречи евентуално внесување на вирусот во земјава. Во земјава, состојбата кај питомата популација свињи засега е мирна, но будно се следи состојбата на терен од страна на официјалните ветеринари и на ветеринарните друштва. Обврска да ја следат состојбата со свињите имаат и самите одгледувачи, кои треба да информираат за секоја промена на фармата, како во поглед на појавата на сомнеж за болест така и во поглед на пцовисувањето животни – велат од Агенцијата.
Оттаму апелираат до ловџиите да го пријават до официјалните ветеринари или до најблиското ветеринарно друштво секое пцовисување диви свињи што ќе го забележат.
Зајакнување на биосигурносните мерки на фармите со свињи во државава, категоризирање со цел утврдување на степенот на ризик и процена дали и колку се спроведуваат мерките за здравствена заштита и благосостојба на животните се мерките што се спроведуваат во моментов, со цел спречување појава и ширење на болеста.
На сила се и решенијата за забрана за увоз и транзит на свињи, производи и нуспроизводи од свинско месо од сите региони во земјите каде што е присутна болеста, со цел заштита од внесување на вирусот.
– На граничните премини се засилени инспекциските контроли, особено на личниот багаж на патниците, чија фреквенција, поради годишните одмори, е поголема. Затоа, како одговорна институција, апелираме до граѓаните, особено до оние што патуваат во земјите и во регионите каде што е присутна болеста, да не носат во личниот багаж храна од животинско потекло – месо и производи од месо, преку кои може да се внесе болеста во земјава – апелираат од АХВ.
Последната појава на болеста африканска чума кај свињите во државава е регистрирана во октомври 2025 година, кај диви свињи. Во првите шест месеци од 2026 година, нема пријава на сомнеж, односно потврда за оваа болест кај свињите.
– Африканската свинска чума не е болест што е опасна за луѓето, но е високозаразна вирусна болест кај дивите и кај домашните свињи. Брзо се шири и предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството. Болеста не се лекува и за неа не постои вакцина. Селските стопанства што одгледуваат по неколку грла треба да ги држат животните затворени, во соодветни објекти, со цел намалување на ризикот тие да дојдат во контакт со заразени диви или домашни свињи, кои може да ја пренесат болеста – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство за ВЕЧЕР.
Познавачите на состојбите оценуваат дека надлежните институции навремено преземаат превентивни мерки и дека Македонија засега успешно ја одржува состојбата под контрола, иако африканската свинска чума е широко распространета во повеќе земји од регионот. Според нив, покрај ризикот од внесување на вирусот преку месо и производи од свинско месо што може да ги донесат патниците од странство, сериозна опасност претставуваат и дивите свињи.
– Една дива свиња во текот на еден ден може да помине и повеќе од 100 километри, што претставува една од најголемите опасности за ширење на болеста. Целта на превентивните мерки е да се заштитат фармите и компаниите што се занимаваат со свињарство и да се спречат големи економски загуби. Доколку е месото соодветно термички обработено, нема опасност за здравјето на луѓето, но африканската свинска чума предизвикува огромни економски штети не само во свињарството туку и врз целокупната економија – велат експерти за ВЕЧЕР.
Тие потсетуваат дека во текот на минатата година била регистрирана болеста во Бугарија, по што се проширила во Србија и во Македонија. Според нивните оцени, вирусот во регионот се проширил од Германија, преку Хрватска и токму затоа е неопходно континуирано спроведување на строги биосигурносни мерки и постојан надзор на домашната и на дивата популација на свињи.
Иако во Македонија во моментов нема активни жаришта кај домашните свињи, надлежните остануваат во состојба на зголемена подготвеност. Апелот е одгледувачите доследно да ги почитуваат биосигурносните мерки, а граѓаните да не внесуваат месо и производи од месо од земјите каде што е присутна болеста за да се спречи нејзиното евентуално ширење во земјава.
(А. С.)












